Масовна гробница со повеќе од 300 тела откриена во болница во Газа


Масовна гробница со повеќе од 300 тела е откриена во болница во градот Кан Јунис во јужниот дел на Газа, соопштија работниците од цивилната одбрана на Газа, по повлекувањето на израелските сили од областа на почетокот на овој месец.

 Јамен Абу Сулејман, директор за цивилна одбрана во Кан Јунис, изјави за Си-Ен-Ен дека во вторникот во медицинскиот комплекс Насер биле откриени 35 тела, со што вкупниот број достигна 310. Околу 73 тела беа откриени во понеделникот, рече Сулејман.

Сулејман тврдеше дека некои од телата биле пронајдени со врзани раце и нозе „и имало знаци на егзекуции на терен. Не знаеме дали се живи закопани или егзекутирани. Повеќето од телата се распаднати“.

Претходно, портпаролот на цивилната одбрана на Кан Јунис и шеф на мисијата за пребарување, Раед Сакр, изјави  дека трагаат по телата на уште 400 исчезнати лица по заминувањето на израелската војска на 7 април.

 Шефот за човекови права на ОН, Фолкер Турк, рече дека е „ужаснат“ од уништувањето на медицинските установи Насер и Ал Шифа во Газа и од извештаите за масовни гробници со стотици тела. Тела беа пријавени и на локацијата Ал Шифа по операцијата на израелските специјални сили.

„Чувствуваме потреба да алармираме затоа што очигледно се откриени повеќе тела“, рече Равина Шамдасани, портпарол на високиот комесар за човекови права на ОН.

„На некои од нив им беа врзани рацете, што секако укажува на сериозни прекршувања на меѓународното право за човекови права и меѓународното хуманитарно право и тие треба да бидат подложени на дополнителни истраги“, порача таа.

Израелските одбранбени сили (ИДФ) во вторникот изјавија за Си-Ен-Ен дека секое „тврдење дека ИД ги закопала палестинските тела е неосновано“.

„За време на операцијата на ИД во областа на болницата Насер, во согласност со напорите за лоцирање на заложници и исчезнати лица, беа прегледани трупови закопани од Палестинци во областа на болницата Насер. Испитувањето е спроведено на внимателен начин и исклучиво на места каде разузнавачките информации укажуваат на можно присуство на заложници. Прегледот е извршен со почит со зачувување на достоинството на починатиот. Телата кои беа прегледани, кои не припаѓаа на израелски заложници, беа вратени на нивното место“, соопшти ИД.
Еден човек на местото на настанот изјави за Си-Ен-Ен дека допрва треба да го најде телото на неговиот 21-годишен син, кој беше убиен во јануари.

„Сè уште не сум го нашол. Го закопавме таму. Но, не можеме да го најдеме. Сакавме да му направиме пристоен гроб“.

Друг човек, кој рече дека неговиот брат Ала, исто така, бил убиен во јануари, рече: „Денес сум овде и го барам. Доаѓам овде во болницата во последните две недели и се обидувам да го најдам. Се надевам дека ќе успеам“.

Покажувајќи на паднатата палма, човекот рече дека неговиот брат бил привремено закопан на тоа место.

„Го закопав таму на страна, но не можам да го најдам. Израелците ги ископале мртвите тела и ги префрлиле. Тие направија ДНК тестови и ги ставија погрешно сите мртви тела“.

Мајката на мажот рече дека тие трагале две недели и не можеле да го најдат неговото тело.

Израелската војска во вторникот за Си-Ен-Ен изјави дека на крајот на февруари извршила операција против Хамас во болничката област Насер и дека за време на операцијата „се уапсени околу 200 терористи кои биле во болницата, биле пронајдени лекови наменети за израелските заложници, неиспорачани и неискористени, а голема количина муниција е одземена. Активноста беше извршена на таргетиран начин и без да се наштети на болницата, пациентите и медицинскиот персонал“, изјавија од ИД за Си-Ен-Ен. ИД соопшти дека отстранила десетици тела од Газа за ДНК тестови во Израел, пред да ги врати останките во контејнери.

Областа околу Медицинскиот комплекс Насер доживеа интензивно бомбардирање и борби во јануари и февруари. Во тоа време, Си-Ен-Ен објави за закопување на телата во болницата поради недостаток на безбеден пристап до гробиштата.