Кочанска ДНК

Да си уметник во Македонија е божја казна! Да си сопственик на шупа е божји благослов. Aкцијата која сега ја водат органите на прогонот, не смее да престане! Важно е да биде успешна! Важно пред гробовите на починатите деца да застанеме со исправени глави. Да можеме да им кажеме дека нивните изгубени животи придонесоа Македонија конечно да заличи на пристојна држава. Само тогаш можеби и тие и нивните најблиски ќе ни опростат.

Изминативе денови, трагедијата во Кочани е разглобена од сите страни. Се’ живо и диво, што знае да пишува, напиша по нешто. Тие понеписмените кажаа по некој збор, а некои и цели реченици. Ни срам, ни перде! Хипокризија на најголемо! Корупцијата била крива. Институциите не си ја вршеле својата работа. Синки корупцијата ја увезовме од некаде, а институциите некој ни ги блокирал. Трагедијата во Кочани е наше наследство што им го оставаме на младите генерации. Триесет и кусур години, година по година, наместо да создаваме, како нашите претходници, ние растураме. И успеавме! Се’ што можевме да растуриме и уништиме ние го растуривме и уништивме. И тоа не го сторивме зошто сме деструктивни. Скраја било. Тоа го сторивме зошто сме алчни!

Трагедијата во Кочани, е двојна. Изгубивме голем број на млади лица, но ја изгубивме и култната група ДНК. Група која дваесет и две години на македонската сцена создаваше додадена вредност на македонското културно наследство. Нешто што во овие моменти на бол не смее да се изуми! Истовремено, оваа загуба укажува на длабочината на кризата во која се наоѓаме, прво како општество, а потоа и како држава.

Клучно прашање е зошто ДНК прифатила да одржи концерт во шупа? За македонски услови, величини, какви што беа и се, во ниеден момент не требаа да прифатат да настапат во таков објект. Уште помалку без договор. Одговорот е повеќе од јасен. Месецот требе да се преживее. Да си уметник во Македонија е божја казна! Да си сопственик на шупа е божји благослов. Истото важи и за останатите припадници на општествената надградба. Малку се држави во светот во кои уметничкиот и интелектуалниот труд се потценети како во оваа држава. Резултататот е повеќе од очигледен. Македонија нема своја влијателна елита. Елита, која врз основа на својот труд го обезбедува својот социјален статус, но и влијае врз состојбите во општеството. Уште повеќе наметнува стадарди кои го моделираат општеството.

Личното богатството на секој еден поединец, се разбира доколку не е наследство, е колатерала на успехот во професијата. Правило кое важи во секоја една пристојно уредена држва. За жал, во Македонија тоа не важи. Во Македонија успехот не е поврзан со квалитетот на трудот. Успехот е поврзан со партиската и фамилијарната припадност. Како се зголемуваа годините поминати во „демократија“, така се елиминираше потребата од вложување во новите генерации. Македонија е единствена држава во светот во која децата и родителите штрајкуваат зошто имале многу за учење. Да не е жално ќе биде комично. Но, тоа е реалноста! Резултатот е повеќе од видлив. Медиокритети и криминалци го окупираа јавниот простор. Наметнаа стандард дека ништо не е важно, освен личното богатство. Парите станаа култ. Култ на кој сме подготвени да ги жртвуваме и сопствените деца. Да беше поинаку трагедијата во Кочани немаше да се случи.

Директорот на спортскиот центар „Борис Трајковски“ објави дека вечерта по трагедијата во Кочани, несовесни лица, со лажна пријава, организирале драфт натпревар. Се чуди, како во период на жалост се осмелиле тоа да го прават. А, нема потреба од тоа! Едноставно само да повлекол равенка помеѓу образовниот систем и политизацијата на општеството се’ ќе му било јасно. Тие што се обиделе да го нарушат периодот на жалост се лица кои едноставно немаат чуство на припадност кон заедницата. Едноставно тие лекции ги прескокнале. И да ни биде јасно. Нив повеќе не можете да ги вратите во заедницата. Освен личните, себични, предизвици нив ништо друго не ги интересира. А, ги има многу. На различни нивоа во општеството. Во спротивно немаше да имаме и премиери и министри и разни други функционери и раководители обвинети за криминал. Тие ликови, производ на нашиот девалвиран систем, не се задоволуваат да бидат носители на највисоки државни функции. Тие не влегле во политика за да ја одиграат својата историска улога. Всушност нив не ги интересира што историјата ќе напише за нив. Разбирливо! Од луѓе кои не поседуваат чувство за заедништво, кои во своите сништа ја немаат Македонија и нејзината благосостојба, не може ништо добро да се очекува.

Токму затоа, акцијата која сега ја водат органите на прогонот, не смее да престане! Кочани не е само трагедија. Кочани е и апел за целосна пресметка со криминалот. Активностите кои се преземаат во полицијата, министерството за економија и пазарниот инспекторат треба да продолжат во сите органи. Како на државно, така и на локално ниво. И воопшто не е важно колку ќе трае. Важно е да биде успешна! Важно пред гробовите на починатите деца да застанеме со исправени глави. Да можеме да им кажеме дека нивните изгубени животи придонесоа Македонија конечно да заличи на пристојна држава. Само тогаш можеби и тие и нивните најблиски ќе ни опростат.

Автор: Јован Донев за НетПрес