Хрватските плажи наскоро ќе бидат преполни, а последниве години одредени полициски оддели на крајбрежјето се соочуваат со педофили кои тајно снимаат деца на плажа. Тие користат различни методи, криејќи камери во преносни фрижидери, рачни часовници, очила за сонце, па дури и во пенкала.

Најголем број вакви пријави доаѓаат од полицијата на Истра и во Риека.

Минатата година истарската полиција евидентирала девет случаи на снимање деца на плажи. Сите фатени сторители се средовечни и постари странски државјани, а од истарската полиција нагласуваат дека тоа не ја исклучува можноста и помлади лица да го користат споменатиот начин на извршување на делото. Казните се движат од една до десет години затвор.

Сторителите користат различни методи за снимањето на децата, од мобилни телефони до камери кои често се скриени во други предмети како пенкала, часовници, клучеви од автомобил, преносни фрижидери, термоси и слично.

Покрај репресивните мерки против сторителите, полицијата врши и превентивни активности со цел да ја предупреди јавноста за овој проблем и да го поттикне целото општество заедно да се грижи за безбедноста на децата. Речиси сите кривични дела се евидентирани во кампови и туристички населени места, организирани туристички сместувачки капацитети, така што полицијата пред секоја туристичка сезона врши едукација во туристичките компании со цел да ги сензибилизира вработените за овој проблем и да знаат како да постапат доколку забележат сомнително однесување или ако некој од гостите им се обрати за помош, велат од полицијата за хрватски „Индекс“.

Додаваат дека на вработените им посочуваат да обрнат внимание на она што може да биде сомнително, на пример, ако во кампот има човек кој сам престојува во близина на места каде што се собираат деца, како што се базени, плитки места, песочни површини, лизгалки, игралишта, тоалети и слично, а тој самиот не е родител, ниту пак му е доверено детето на чување.

Доколку таквите лица носат мобилни телефони, фотоапарати или предмети во кои би можеле да се сокријат камери, ако се однесуваат невообичаено, се кријат, се нервираат, остануваат на едно место долго време во несоодветна положба итн., сето тоа се знаци кои повикуваат на претпазливост. Доколку се забележи како такво лице снима деца, веднаш треба да се извести полицијата или вработените во кампот, кои потоа ќе ги повикаат полицајците. Сторителот мора да биде приведен и да му се одземат средствата за снимање и да не му се дозволи натамошен контакт со тие средства за да не се уништат доказите, велат од полицијата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.