„Лажење без усул“: Пендаровски за ставовите на ВМРО-ДПМНЕ за уставните измени


Стево Пендаровски во Маврово Ростуше

 

За време на митингот во Гостивар Стево Пендаровски рече дека раководните лица од ВМРО-ДПМНЕ едно им зборуваат на гостите од странство, а друго велат на митинзите и во изјавите.

„Во Скопје доаѓа нивниот пријател од Германија, од нивната сестринска партија ЦДУ. Човекот е еден од највлијателните, во врвот е на таа политичка партија, и вели, по разговорите со раководството на таа партија, ВМРО-ДПМНЕ, добив недвосмислен впечаток дека тие се за уставни промени. Значи, Германецов еден состанок направил со своиве другари и тие му признале тоа што не го признаваат со години пред македонскиов народ и пред македонскиве граѓани”, рече Пендаровски.

Тој додаде дека пред четири години Гордана Силјановска-Давкова изјавила оти потписниците на Преспанскиот договорот треба кривично да одговараат, а сега во нивната програма стои „НАТО е гаранција за безбедноста на Македонија“.

„НАТО без Преспа не бива. Значи лажење без усул“, подвлече Пендаровски.

Според него, ВМРО-ДПМНЕ нема ниту еден докажан пријател во меѓународната заедница.

„Што нуди ВМРО-ДПМНЕ во однос на договорите што не вратија во нормалниот цивилизиран свет? Нудат поништување. Кога ќе ги прашате што после тоа поништување, велат повторно ќе почнеме да преговараме. Имате ли гаранции дека некој од надвор од големите сили ве поддржува за тоа повторно да го преговарате и да го доведете до исход кој е добар за народот и државата? Немаат“, рече Пендаровски.