Не постојат никакви задни намери или заткулисни игри со вакцинацијата против пертусис. Ниту ковид вакцините, ниту вакцината против голема кашлица имаат за цел геноцид на луѓето. Ова е теорија на заговор која ја шират антиваксерите и која нема никаква медицинска поткрепа. Големата кашлица е акутна заразна болест која лесно се пренесува и може да биде фатална особено за малите деца. Најдобрата превенција против пертусис е вакцинацијата, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.
Текстот подолу го пренесуваме во целост:
Анализираме објава на Фејсбyк која шири теорија на заговор дека вакцината против пертусис ќе била замена за ковид вакцината која „не поминала“.
И тоа со нова унапредена вакцина. Ќе биде замена за ковид вакцината која не помина, стои во објавата.
За време на ковид пандемијата на големо се ширеше теорија на заговор дека таа била намерно измислена со цел да се намали човештвото, да се убиваат луѓе, а откако се појавија вакцините против коронавирусот, оваа теорија на заговор уште повеќе се засили. Теориите на заговор се „збогатија“ со тврдења дека со вакцините ќе не чипирале и следеле, па се отиде дури дотаму што се ширеа разноразни непотврдени тврдења дека вакцините предизвикувале спонтани абортуси, згрутчувања на крвта, срцеви заболувања и инфаркти, па дури и ненадејна смрт.
Со самата вакцинација исклучително многу се зголеми колективниот имунитет во земјите, што беше и една од целите на вакцинацијата. Според објавеното на сајтот на Мајо клиниката во САД, вакцината против ковид може да спречи сериозна болест и смрт поради ковид-19 и кај деца и кај возрасни, може да спречи хоспитализација, да го подобри имунитетот против зараза со ковид-19 и секако е побезбеден начин за заштита отколку инфекција со коронавирусот. Колкава ќе биде заштитата на вакцината зависи од повеќе фактори, како возраста, дали лицето прележало ковид, или дали лицето има карцином. Колку вакцината штити, исто така, зависи од тоа како вирусот што предизвикува ковид-19 се менува и против кои варијанти вакцината штити, но и од тајмингот во кој се примила вакцината.
Антиваксерите се префрлија на вакцината против пертусис
Овој антиваксерски наратив, дека вакцините имаа за цел некаков геноцид, сега се злоупотребува во контекст на епидемијата од голема кашлица која е прогласена на територијата на град Скопје и препораката на здравствените власти сите деца кои не се вакцинирани, да ја примат оваа вакцина со цел да се спречи ширењето на болеста.
Поради зголемениот број заразени со голема кашлица, а согласно Законот за заштита на населението од заразни болести, Центарот за јавно здравје Скопје на 8 февруари 2024 година прогласи епидемија на пертусис во Скопје, информираа од Министерството за здравство за Вистиномер.
Претходно, Комисијата за заразни болести препорача на подрачјето на Скопје да се прогласи епидемија на голема кашлица со една од мерките, нецелосно или воопшто невакцинираните деца да не бидат примани во градинките. Согласно правилниците и законите кога станува збор за официјално прогласена епидемија, градинките веќе бараат потврда за целосна вакцинација со ди-те-пер вакцина за децата кои се на предучилишна возраст од Скопје.
Од понеделник (11.03.2024) невакцинираните или нецелосно вакцинираните деца со вакцината ди-те-пер нема да се примаат во градинките, информираа од Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) на 8 март.
Од ДСЗИ изјавија дека ја добиле одлуката на министерот за здравство, а која е врз основа на препораките од Комисијата за заразни болести (КЗБ). Во препораката од Комисијата се вели дека Инспекторатот се задолжува да врши вонредни инспекциски надзори и да забрани прием на деца во предучилишни установи, кои не се имунизирани или се нецелосно имунизирани со ди-те-пер.
Откако Комисијата препорача на подрачјето на Скопје да се прогласи епидемија на голема кашлица со една од мерките, нецелосно или воопшто невакцинираните деца да не бидат примани во градинките, на социјалните мрежи започнаа да се шират теории на заговор и повторно да се активираат антиваксерските движења, како што е случајот со објавата што ја анализираме.
Вакцините се безбедни
На веб-страницата на УНИЦЕФ посветена на вакцинацијата, во делот за прашања и одговори е наведено дека сите вакцини минуваат низ ригорозни безбедносни тестови, вклучително и клинички испитувања, пред да бидат одобрени за јавноста. Земјите регистрираат и дистрибуираат само вакцини кои ги исполнуваат ригорозните стандарди за квалитет и безбедност. Вакцините се исклучително безбедни, а сериозните несакани ефекти се ретки. Речиси сите реакции или непријатности по вакцинацијата се мали и привремени, како што е болка на местото на инјектирање или блага треска. Здравјето на детето е многу поверојатно да биде нарушено поради болест што може да се спречи со вакцина, отколку од вакцина.
Вакцините спасуваат животи. Се проценува дека само вакцините против сипаници спречиле над 21 милион смртни случаи помеѓу 2000 и 2017 година. Вакцините помагаат да се заштити вашето дете од болести кои можат да предизвикаат сериозна штета или смрт, особено кај луѓе со неразвиен имунолошки систем како доенчиња.
Вакцинацијата помага да се стават под контрола над 20 болести како туберкулоза, дифтерија, детска парализа, сипаници, заушки и многу други, кои без вакцините би биле смртоносни за многу луѓе ширум светот. Податоците на Светската здравствена организација (СЗО) покажуваат дека вакцинирањето спречува два до три милиони смртни случаи од болести во светот секоја година.
Согласно календарот за имунизација и годишната програма за имунизација, задолжителна имунизација се спроведува против следните болести: вирусна жолтица Б (Hepatitis B) туберкулоза (Tuberculosis), заболувања предизвикани од хемофилус инфлуенца тип Б (Хиб), дифтерија (Diphteria), тетанус (tetanus), голема кашлица (Pertusis), детска парализа (Poliomyelitis acuta), мали сипаници (Morbilli), заушки (Parotitis) и црвенка (Rubeolа) и заболувања предизвикани од хуман папилома вируси (ХПВ). Имунизацијата е бесплатна за сите лица од 0-18 години без разлика на здравственото осигурување.
Министерството за здравство на страницата за информации околу вакцините и задолжителната имунизација, наведува дека вакцините кои се регистрирани за употреба во нашата земја, се истите кои се користат во сите европски земји. Повеќе информации за името на производителот, производот и датумот на одобрување на вакцините може да се најдат во Регистарот на лекови.
На пример, вакцината што се дава кај децата на 2,4,6, 18 месеци и 7 години против пертусис, е од производителот Санофи Пастер од Франција. Регистрирана е во МАЛМЕД.
Станува збор за шестовалентна вакцина. На линкот погоре се наведени сите возможни информации за вакцината, производителот, што таа содржи, упатство за користење итн.
Само вакцината е чаре за големата кашлица
Големата кашлица или пертусис е акутна заразна болест предизвикана од бактеријата „Бордетела пертусис“. Таа може да предизвика сериозен облик на болест кај сите возрасни групи, но најопасна е за новороденчињата и бебињата во првите два месеца после раѓањето до моментот на примање на првата доза на вакцина против пертусис. Главната карактеристика на болеста е кашлица во напади која може да трае со недели. Покрај кашлицата бактеријата може да предизвика компликации на респираторниот и нервниот систем кои може да остават трајни последици на мозочната функција и невролошкиот развој кај децата.
Компликации од пертусис може да се појават кај сите старосни групи на пациенти. Најтешки и понекогаш смртоносни компликации се јавуваат кај бебињата на возраст до 1 година. 7 од 10 смртни случаи од пертусис се јавуваат кај деца на возраст до 3 месеци. Најчесто се јавува кај бебиња и мали деца кои не се вакцинирани воопшто или имаат некомплетна вакцинација со една или две дози на вакцина од потребните три дози кои се примаат во првата година од животот. Кај доенчињата мозочните компликации може да предизвикаат трајни физички и психички пореметувања во развојот на децата.
Според Светската здравствена организација, пертусисот се пренесува лесно од човек на човек, главно преку капки од кашлање или кивање. Болеста е најопасна за доенчињата и е значајна причина за болест и смрт на оваа возрасна група. Првите симптоми вообичаено се јавуваат од 7 до 10 дена по инфекцијата. Тие вклучуваат блага температура, течење од носот и кашлица. Луѓето со пертусис се најзаразни до третата недела откако ќе започне кашлањето, пишува Дојче веле.
Најдобрата превенција против пертусис е вакцинација против ова високо заразно заболување.
Вакцините против пертусис се ефективни, но не се совршени. Вакцинираните индивидуи може да се заразат и да добијат клиничка слика на болеста, но истата поминува лесно, за неколку дена и ретко се појавуваат напади на кашлица.
Според лекарите, освен вакцина, нема друго чаре за заштита од голема кашлица.
Според ова, не постојат никакви задни намери или задкулисни игри со вакцинацијата против пертусис. Ниту ковид вакцините, ниту вакцината против голема кашлица имаат за цел геноцид на луѓето. Ова е теорија на заговор која ја шират антиваксерите и која нема никаква медицинска поткрепа. Големата кашлица е акутна заразна болест која лесно се пренесува и може да биде фатална особено за малите деца. Најдобрата превенција против пертусис е вакцинацијата. Поради изнесеното погоре, објавата што ја анализираме, ја оценуваме како неточна.