Најголемите партии во Германија, ЦДУ/ЦСУ, СПД и Зелените постигнаа договор за промена на уставот на земјата за отстранување на озлогласената „должничката кочница“, објави „Билд“.
Според овој германски весник, преговорите биле маратонски, а почнале вчера. Утрово, според информациите на „Билд“, претставниците на овие три партии, кои имаат двотретинско мнозинство во актуелниот Бундестаг, конечно постигнале договор.
Деталите не се познати, но јасно е дека познатата „должничка кочница“, која ја спречи Германија да се задолжува повеќе од одреден процент, што изнесуваше 0,35 отсто од БДП, или ќе биде елиминирана или реструктуирана.
Овој амандман беше воведен во германскиот устав во 2009 година, а имаше за цел да гарантира фискална и финансиска стабилност во Германија.
Сепак, овие три партии, на чело со идниот канцелар Фридрих Мерц, одлучија дека сега е време да се укине овој амандман на Уставот, а парите што германските власти ќе ги позајмат ќе бидат искористени за значително подобрување на војската.
Исто така, немаше многу време за договор. Во февруари се одржаа предвремени избори, а кога ќе се конституира новиот Бундестаг, овие три партии нема да го имаат потребното двотретинско мнозинство.
За да го реструктуираат овој амандман, тие ќе треба да побараат помош од екстремно десничарската AfD. Оваа партија ќе биде втора по големина во Бундестагот кога ќе се спроведат резултатите од февруарските избори.
Со постигнување договор со AfD, партиите во Германија би ја скршиле „браната“ (Бранмауер) или непишаното правило за несоработка со радикалната десница.
Првиот договор беше постигнат минатата недела, кога Мерц во име на ЦДУ/ЦСУ и Олаф Шолц во име на СПД се согласија. Зелените на почетокот беа скептични, но, ако му се верува на „Билд“, утринава е постигнат договор, со што се исполнети условите за промена на германскиот устав.