Голема побарувачка за „Palestine Cola“ во светот, по бојкотот на произраелските западни компании

– Двајца палестински браќа во шведскиот град Малме почнаа да произведуваат безалкохолен пијалак наречен „Palestine Cola“, со цел профитот да го донираат на Палестинците.

Бруталната војна на Израел во Газа, каде што досега загинаа над 32.400 Палестинци, поттикна масовни протести низ светот и бојкот на многу меѓународни брендови, вклучително и на најпознатите компании за пијалаци и кафе, како и синџири за брза храна.

Среде светската кампања за бојкот на западните производители кои профитираат од израелската окупација на Газа и Западниот Брег или го поддржуваат Израел на кој било начин, Мухамед и Ахмед Хасун забележаа потреба на пазарот поради големата побарувачка за замена за поголемите брендови.

Нивната компанија, „Palestine Drinks“, беше отворена во февруари, изјави за Анадолу Мухамед Кисвани, одговорниот за медиуми на компанијата „Safad Food AB“, шведска фирма која стои зад неа.

Според компанијата, „Palestine Cola“ претставува „симбол на единството и целта“.

Семејството Хасун потекнува од големиот палестински град Сафад, од каде што е протерано во 1948 година за време на британскиот мандат.

Тие биле принудени да живеат во бегалски кампови на југот на Либан, пред да дојдат во Шведска.

Во еден студен ноемвриски ден во Малме, двајцата браќа размислувале за проект за помош на Палестинците, кои се соочуваат со, како што многумина низ светот велат, геноцид што го врши Израел во Газа.

Тоа е моментот кога „Palestine Drinks“ почнува да се појавува, со експерти и консултанти кои му помагаат на семејството, кое поседува успешна компанија за автомобили и недвижнини во Шведска, но нема претходно искуство во индустријата за храна и пијалаци.

„Пазарот, рестораните, продавниците и луѓето сакаа алтернативи за поголемите брендови, па помисливме зошто да не го направиме добротворен проектот и да го наречеме ‘Palestine Drinks’, за луѓето да го запомнат името и да се гордеат со брендот. Значи, тоа е главната причина зошто оваа идеја оживеа“, рече Кисвани.

„Ние лансиравме алтернативен бренд за сите што сакаат … компанија која ги поддржува Палестинците.“

– Огромни реакции

Горди на својата улога во проектот за помош на своите сограѓани Палестинци, браќата првично гледале на тоа како мала иницијатива насочена само кон шведскиот пазар.

Меѓутоа, кога пијалакот се појавил на полиците, одзивот на јавноста бил огромен и тотално неочекуван.

„Штом произведовме милион лименки, тие веднаш се распродадоа“, рече Кисвани, додавајќи дека клучен фактор е тоа што луѓето се уверени дека тоа е за добра цел.

Пијалакот моментално се продава во Шведска, Данска и Норвешка, но нарачките продолжуваат да пристигнуваат од други делови на Европа, САД, Австралија, Јапонија, арапските земји, делови од Азија, па дури и од Латинска Америка.

Компанијата чувствува дека небото е граница за овој бренд и моментално е во процес на проширување надвор од Скандинавија, со планови да биде достапен и во другите земји во следните два до три месеци.

„Значи, имаме околу 900 нарачки од компании од целиот свет кои сакаат да бидат наши дистрибутери. Сè уште немаме време да одговориме на сите мејлови“, рече Кисвани.

Пијалаците на компанијата се креирани да ги задоволат сите вкусови, достапни се во оригинална верзија, без шеќер, со вкус на портокал и лимонада, како и во вид на енергетски пијалак.

„Решивме да одиме со вкусот на кола, за кој сметавме дека има подобар вкус од другите алтернативи на пазарот денес“, рече тој.

Логото на лименката се состои од маслиново дрво, палестински симбол уште од древно време, и шаблон што ја претставува палестинската кефија, историски амблем на палестинскиот национализам.

„Значи, главната идеја овде е да допреме насекаде во светот, за сите да не заборават дека Палестина постои во меморијата на ова семејство и во сеќавањето на секое палестинско семејство“, рече Кисвани.