Банката на Англија не ги намали каматните стапки, но тоа ќе го направи наскоро


Очекувано, британската централна банка, Банката на Англија и на овој состанок не одлучи да ја промени централната каматна стапка, која со тоа останува на 16-годишниот врв од 5,25 отсто.
Банкарите се оптимисти за намалувањето, но истовремено потенцираа дека поради упорно високата инфлација се уште не е вистинското време за тоа.

„Потребни ни се повеќе докази дека инфлацијата ќе остане ниска пред да можеме да ги намалиме каматните стапки“, изјави гувернерот на банката Ендрју Бејли, кој инаку е оптимист дека работите одат во вистинска насока, пренесе француската новинска агенција АФП.

Годишната стапка на инфлација во Британија беше 3,2 отсто во март, што е пад од 0,2 процентни поени во однос на февруари и најниска стапка од септември 2021 година. Централната банка очекува инфлацијата да се приближи до целта од 2 отсто меѓу април и јуни, по што треба повторно да се зголеми во вториот половина од годината. За една година би требало да биде на 2,6 отсто, а во 2026 година да падне на 1,9 отсто.

Двајца членови на деветчлената комисија, кои гласаа за намалување на каматните стапки за 0,25 процентни поени, потврдија дека насоката на монетарната политика полека се врти. Според нивното верување, јасно е дека индексот на потрошувачки цени се намалува и дека нема потреба да се одложува намалувањето на каматните стапки, пренесува германската прес-агенција Дпа.

Во борбата против зголемената инфлација, банката почна да ги зголемува каматните стапки во декември 2021 година, а од минатото лето тие се непроменети на 5,25 отсто.

Пред два месеци, швајцарската централна банка беше првата голема западна централна банка која ги намали каматните стапки, а во средата следеше и шведската централна банка. Ова е првпат по осум години основната каматна стапка да биде намалена поради забавувањето на инфлацијата.