Венс доаѓа на Гренланд, Данска вели дека е „неприфатливо“

Американскиот потпретседател ЏејДи Венс изјави во вторникот дека оваа седмица во рамките на високата американска делегација ќе го посети Гренланд, чие присоединување кон САД го посакува претседателот Доналд Трамп.

„Со нетрпение очекувам да го посетам Гренланд во петок“, објави Венс на X проследено со видео во кое ја најавува посетата.

„Многу други земји му се закануваат на Гренланд, се закануваат дека ќе ја користат неговата територија и неговите водни патишта за да им се закануваат на Соединетите држави, Канада и се разбира на народот на Гренланд. Затоа ние ќе провериме како стојат работите таму“, рече американскиот потпретседател во видеото.

„За жал, мислам дека челниците и на Америка и на Данска предолго го игнорираа Гренланд“, заклучува Венс алудирајќи на американските аспирации за присвојување на стратешки важниот арктички остров уште од крајот на Втората светска војна.

Во американската делегација ќе бидат и неговата сопруга Уша Венс, советникот за национална безбедност на Белата куќа, Мајк Волц и министерот за енергетика Крис Рајт. Тој ќе биде во посета на Гренланд од четврток до сабота, при што ќе ја посети американската воена база Питуфик, клучна за рано предупредување од ракетен напад врз Северна Америка.

По објавата на Венс, данската премиерка Мете Фредериксен рече дека САД вршат „неприфатлив притисок“ врз Гренланд.

„Морам да кажам дека во оваа ситуација се врши неприфатлив притисок врз Гренланд и Данска. И ние ќе се спротивставиме на притисокот“, изјави Фредериксен за данските телевизиски станици DR и ТV2 во вторникот.

Премиерот на Гренланд во заминување Муте Егеде ја опиша посетата на американската висока делегација како „провокација“ бидејќи се совпадна со коалициските преговори за формирње на новата грендландска влада и доаѓа пред локалните избори следната седмица.

„Тоа е обид за шармирање без шарм… И сите се вознемирени бидејќи е очигледно дека се работи за заплашување на гренландскиот народ и за провокација на Данска“, вели за Reuters аналитичарот Ноа Редингтон, поранешен советник на поранешната данска премиерка Хеле Торнинг-Шмит.