Промоција на „Монографија 25 години творештво“ на Пандора Апостолоска Саздовска

Промоцијата на “МОНОГРАФИЈА 25 ГОДИНИ ТВОРЕШТВО” на Пандора Апостолоска Саздовска ќе се одржи на 19 jануари 2024 година во 21:00 часот во БРУТАЛСИК (концепт простор, центар за мултимедијален проект, архитектура, уметност и дизајн) во Скопје.

“МОНОГРАФИЈА 25 ГОДИНИ ТВОРЕШТВО” на Пандора Апостолоска Саздовска ги презентира актуелните визуелни истражувања на авторката во период од 25 години творечка работа. Текстот е на историчарот на уметност и ликовен критичар Златко Теодосиевски кој потенцира дека Пандора Апостолоска Саздовска е мултимедијална уметница. Таа работи цртеж, сликарство, објекти/инсталации, перформанс, фотографија… – без самонаметнати преференци и правила, туку водена од „темата“ го избира и најсоодветниот авторски исказ. На нејзините изложби најчесто гледаме комбинација на медиуми/искази, а тоа следствено се пренесува и во многу нејзини дела, каде што сликата, на пример, се трансформира во објект, објектот во инсталација, перформансот во слика… итн. Тоа говори за уметница со комплексна мисла и авторски исказ, за типичен постмодернист и ангажиран творец воден од идејата, темата, проблемот… елабориран во нејзината внатрешна „лабораторија“ на рефлексии и чувства, избори и одлуки.

Кај Пандора Апостолоска Саздовска всушност говориме за комплексно концептуално мултумедијално творештво низ коешто како тенка „црвена линија“ се провлекуваат неколку битни „општи места“, неколку „теми“ што уметницата ги развива речиси од самиот почеток: загубата – ненадоместливото губење на човечки животи особено изразено во современите воени конфликти од локални или пошироки размери, а во тој контекст особено „бегалската тема“ (којашто е и нејзина лична „приказна“; феноменот на смртта – како неизбежна последица од човечката агресија и насилството. Оттука самата суштина на нејзиното досегашно творештво, најдобро се поврзува во еден збор: загуба! Таа ни нуди творечки одговор/став за војната, за агресијата, за смртта…

Сосема во корелација со нејзините ангажирани размисли/ставови е нејзиниот визуелен јазик: од минималистичкиот сликарски исказ со доминантните црна и бела боја до елементарно соголената впечатливост на безмалу опсесивните бројки на жртвите-бегалци, од знаковната и значенската структура на буквите/зборот во делото до застрашувачкото симболичко значење на бодликавата жица, или на детската облека, или клинецот како симбол на насилство… Пандора Апостолоска Саздовска оперира со овие елементи и значења со цел да ја потенцира актуелната тема, мигот или состојбата.
И тоа е една од силните страни на нејзината уметност!

Пандора ја потврдува тезата дека Уметноста (се разбира, со големо „У“), никогаш и не била нешто друго туку однос кон она надвор и она внатре, однос кон светот и кон самиот себе. Уметноста на Пандора во последниве години е токму тоа: очи широко отворени (особено) кон човечката болка и страдање, но и интроспективен, автобиографски поглед во себе и постојаното навраќање кон одредени случувања од поблиското и подалечното минато, лични но и општи трагедии видени низ творечката оптика на уметницата. Кај Пандора Апостолоска Саздовска е силно изразена онаа нота својствена на ангажираните уметници: секогаш да се има став и тој јасно да се искаже, без двосмислености и/или нејаснотии!

Сите тие поединечни елементи/назнаки функционираат во вкупниот концепт на нејзината уметност, на нејзиниот општествен ангажман на начин каков што не сме имале на македонската сцена во последната деценија.

________________________________________

Пандора Апостолоска Саздовска е визуелен уметник, активист и истражувач. Во 2004 г. дипломира на Академијата за ликовни уметности, отсек сликарство со реставрација и конзервација под менторство на проф. Душан Перчинков и проф. Танас Луловски. Уметничката практика на Пандора Апостолоска Саздовска е насочена кон меѓучовечките односи истражувајќи ги аспектите на војната и насилството како политички и социолошки феномен. Во нејзината богата творечка кариера има реализирано изложби во музеи, галерии и центри за современа уметност, вклучувајќи го музејот за современа уметност во Македонија, музејот на Марк Ротко во Латвија, национален музеј во Кина, центарот за современа уметност во Абу Даби, Универзитетот за уметност и дизајн во Аман, Јордан и Универзитетот во Шаржа, Обединетите Арапски Емирати, 19 Азиско биенале во Бангладеш, 58 Biennale di Venezia во Centro Culturale Don Orione Artigianelli во Италија, 14 Biennale di Venezia di Architettura Palacio Albrizi во Италија, Шпанија, Мароко,Катар, Тунис, Азербејџан, Саудиска Арабија, Швајцарија, Австрија, Белгија, Германија, Хрватска, Словенија, Русија, Индија, Кореја и на други места. За нејзината работа таа е наградена од Европскиот град на културата UMEA во 2014 година во Париз, Франција, меѓу другите признанија, грантови и студиски престои. Нејзините дела се наоѓаат во престижни јавни и приватни колекции, вклучувајќи владини институции, амбасади, музеи и галерии. Во 2017 година беше визититинг професор на катедрата за визуелни уметности на Универзитетот за уметност и дизајн во Шаржа, Обединети Арапски Емирати, а во 2023 година беше визититинг професор на Универзитетот во Сокотра, Република Јемен.

You May Also Like