Камениот мост со откорнати светилки

384

И Камениот мост стана цел на вандализам. Некому му пречело осветлувањето, па си зел за право да ги откорне светилките од нивното лежиште.

Претходно имаше стражарска служба што се грижеше да не дојде до вакви инциденти и сега, најверојатно, не функционира или постои, но не работи како што треба.

Во текот на „градоначалникувањето“ на Петре Шилегов, беше распишана јавна набавка за изработка на основен проект за реконструкција и илуминација на овој мост.

Од Град Скопје не одговорија дали го констатирале она што го фати објективот на фотоапаратот на фоторепортерот на весникот ВЕЧЕР, ниту дали и кога ќе преземат некакви активности за санирање на состојбата.

Во постапката за замена на оградата, летото 2002 година, кога работниците го исекоа железото на оградата, во водите на реката Вардар се урна стражарската кула од мостот. Обновениот Камени мост беше пуштен во употреба во 2004 година, но без стражарска кула. Таа беше повторно изградена во 2008 година. Оттогаш досега, неколку пати се интервенираше на осветлувањето на мостот. Се осветлуваа арките, а се поставуваше светло и од надворешната страна на оградата. Камениот мост е утврден како објект од прва категорија национално културно наследство.

Камениот мост на реката Вардар ги поврзува плоштадот „Македонија“ на десниот брег и Старата скопска чаршија на левиот брег од реката. Постојат две различни мислења за неговото постоење. Според првото, изграден е во VI век, непосредно по катастрофалниот земјотрес во 518 година, во време на владеењето на императорот Јустинијан Први. Други сметаат дека бил изграден во втората половина на XV век, меѓу 1451 и 1469, време кога на чело на Отоманската Империја бил султанот Мехмед Втори Освојувачот.

Низ вековите, претрпел повеќе промени, па така бил доградуван во време на султанот Сулејман Величествениот и на српскиот цар Душан. Во текот на Втората светска војна, бил миниран, но по ослободувањето на градот, било спречено активирање на динамит, со што бил спасен од уривање. Современите промени и доградувања имаат цел да го доближат кон неговиот првобитен изглед.

Камениот мост е изграден од травертински камени блокови, врзани со железни куки и зацврстени со леано олово и кршен камен и малтер. Во својот првобитен изглед, содржел 13 полукружни лака, имал должина од 213,85 м (329 чекори) и ширина од 6,33 м. Денес, мостот е прооден само за пешаци, но, историски, по него се одвивал и жив сообраќај. Името Камени мост го добил поради тоа што бил изграден со употреба на кршен камен. Освен тоа, тој историски е познат и како Душанов мост, во чест на српскиот цар Душан. Камениот мост се смета за симбол на Градот Скопје. Прикажан е како составен елемент на грбот на Градот.

(А.П.)