Руски истражен комитет: Апсењето на нов осомничен за финансирање на нападот во Москва покажува вмешаност на Украина

514

Рускиот истражен комитет денеска соопшти дека е уапсено ново лице осомничено дека учествувало во финансирањето на нападот на концертната сала „Крокус сити хол“„ во Москва, што укажува дека напаѓачите имале „врски со украински националисти“.

„Работата со уапсените терористи, испитувањето на техничките уреди одземени од нив и анализата на информациите за финансиските трансакции овозможија да се најдат докази за нивната поврзаност со украинските националисти“, соопшти Истражниот комитет на Русија.

Рускиот претседател Владимир Путин на 25 март изјави дека напаѓачите кои убија повеќе од 130 луѓе во концертна сала во близина на Москва се „радикални исламисти“.

Тој во текот на викендот рече дека четворица од напаѓачите биле уапсени додека се обидувале да побегнат во Украина, а во тоа време не го спомна авганистанскиот огранок на групата Исламска држава, ИСИС-К, која ја презеде одговорноста за нападот.

Претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко, пред два дена изјави дека напаѓачите прво се обиделе да побегнат во Белорусија. „Не можеа да влезат во Белорусија. Кога го сфатија тоа, ја сменија рутата и тргнаа кон руско-украинската граница“, рече Лукашенко.

Киев, американската влада и Европската унија претходно објавија дека „нема вмешаност на Украина“ во масакрот во предградието на Москва.