ОКОЛУ 600 УВЕЗЕНИ РАБОТНИЦИ ОД ИНДИЈА, НЕПАЛ И ФИЛИПИНИ ЌЕ РАБОТАТ ВО ХОТЕЛСКО-УГОСТИТЕЛСКИОТ СЕКТОР НА ОХРИДСКОТО КРАЈБРЕЖЈЕ

    ОКОЛУ 600 УВЕЗЕНИ РАБОТНИЦИ ОД ИНДИЈА, НЕПАЛ И ФИЛИПИНИ ЌЕ РАБОТАТ ВО ХОТЕЛСКО-УГОСТИТЕЛСКИОТ СЕКТОР НА ОХРИДСКОТО КРАЈБРЕЖЈЕДо почетокот на сезоната се очекува да пристигнат вкупно околу 600 работници, кои ќе ја надополнат работната сила која недостасува поради одливот на локалното население кое најчесто оди на работа на хрватското крајбрежје. (Фото: СДК.МК)

    Стотина увезени работници од Индија, Непал и Филипини, кои оваа сезона ќе работат во хотелско -угостителскиот сектор на охридското крајбрежје, веќе пристигнаа во Охрид. До почетокот на сезоната се очекува да пристигнат вкупно околу 600 работници, кои ќе ја надополнат работната сила која недостасува поради одливот на локалното население кое најчесто оди на работа на хрватското крајбрежје.

    Од Асоцијацијата на хотелиери (ХОТАМ) велат дека кадарот кој се носи е со работно искуство, а ако не ја извршува работата за која ќе биде ангажиран ќе биде вратен назад. Почетната плата се движи од 350 евра па нагоре во зависност од работната позиција, со обезбедена храна и сместување.

    „Кога ќе дојдат тука на работа си ја почитуваат работата, тие не се проблематични. За тие држави таму тие 350 евра значат нешто. Обично работат на две смени по пет саати и покриваат исто како за двајца луѓе. На нашите во сезона не можеш да им кажеш дека треба да се изработи во две смени. Вика доаѓам сабајле 8 саати, тоа ми е законски и си одам. Овие кои дојдоа ќе бидат пет саати сабајле, ќе одат да се одморат и вечерта ќе дојдат пет саати. Така имаат и доручек и вечера“, вели Крсте Блажески, претседател на ХОТАМ.

    Според него, корист од работниците кои се носат има и државата.

    „Прво, ќе се плаќаат тие давачки према нив во државата, а друго, тие прават некаков производ кој се продава. Ако имавме ние 10 ресторани затворени поради кадар и два хотели кои не отвориле поради истата причина, сега тие ги отвараме и капацитетот се зголемува, имаме повеќе гости, повеќе туристичка такса, повеќе работа за сите и на тој начин се развива туризмот“, смета Блажески и додава дека платите за домашните работници можат да се зголемат ако се намалат даноците кои се плаќаат кон државата.

    Тој вели дека за повисоки плати треба да се зголеми и обртот во хотелско-угостителскиот сектор. Вели дека секој сака квалитетен кадар кој може да го плати, а тој што зема 1.000-2.000 евра плата тој остварува, тој работи и си ја заработува платата.

    „А не како кај нас, ‘како беше денеска на работа – супер немаше никој’. Доколку има поголем обем на работа тој зема и боледување. Тоа е нашиот синдром. Истиот ќе оди надвор ќе добие 700- 1.000 евра, ама ќе работи четири пати повеќе. Исто така, трошоците за живот таму му се поголеми“, вели Блажески.

    Во Хрватска над 70 отсто се странски работници во туризмот. Се нудат плати од 2.000 евра за готвачи и над 1.000 евра за келнери. Во потрага за повисока плата македонските граѓани заминуваат токму на хрватското приморје да работат како келнери, собарки, шанкери и готвачи.

    „Младите си заминуваат поради системот кој не ни чини во државата а не поради платата. 30 отсто од обртот на хотелите и рестораните оди за плата, тоа е секаде и во Хрватска и во Македонија и во Албанија, со тоа што во Албанија се помали давачките кон државата и може тука платата малку да се корегира односно останува повеќе за работникот. Другите држави направија инфраструктура, патишта, авиони летаат, а ние од тоа што го имавме одиме наназад. Немаме автопат, пристапот до Охрид е катастрофа. Од Скопје до Белград стигнуваш за три и пол саати исто како и од Скопје до Охрид. Не може пат да правиме 10 години“, вели Блажески.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира