17 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАИнституциите притискаат да се вратат старите цени на регистрациите на моторните возила,...

Институциите притискаат да се вратат старите цени на регистрациите на моторните возила, осигурителните компании не попуштаат

Една недела институциите притискаат да се вратат старите цени на регистрациите на моторните возила, осигурителните компании не попуштаат и бараат зголемување на своите приходи. Според информациите до кои дојде Денар, денеска ќе се одржи нова седница на Комисијата за автоодговорност, на која треба да се потврди уште еднаш дека поскапување на автоодговорноста која е задолжителна при регистрација на возилото нема да се случи, барем не во овој момент.

Компаниите од овој бизнис се жалат дека со истите цени работат од 2008 година, и бараат да се зголеми уделот кој тие го добиваат од цената за регистрација и тоа за покривање на оперативното работење, како што се плати и сметки.

Од Агенцијата за супервизија на осигурувањето која е регулатор во оваа дејност подготвија анализа за оправданоста, односно за неоправданоста на новиот ценовник на осигурителните компании од земјава. Нивните наоди покажуваат дека компаниите за осигурување за исплати на штети покриени со полиси за задолжителна автомобилска одговорност исплаќаат помалку од половина од парите наплатени од осигурениците. Податоците велат дека во 2023 година за штети исплатиле 39,3 милиони евра што претставува само 45% од парите наплатени од осигурениците. Доколку се направи споредба со податоците низ годините може да се забележи дека годишно, за обештетување осигурителните компании исплаќаат до 50% од собраните средства од продажба на полиси за задолжително осигурување од автомобилска одговорност.

„Над 45% од сите настанати трошоци за вршење на дејноста на компаниите за продажба на автомобилско осигурување компаниите за осигурување ги исплатиле за провизии на посредниците во продажба. Вкупно за 2023 година се исплатени над 1 милијарда денари провизии за продажба на автомобилско осигурување. Оттука не е оправдано зголемување на цената а реално постои можност за намалување на обврските и трошоците за провизии на осигурителните компании имајќи го предвид задолжителниот карактер на ова осигурување. Поскапувањето на цената на осигурувањето е на штета на осигурениците затоа што не го подобрува квалитетот на услугата што ја добиваат од осигурителните компании. Едностраното и неопрадано зголемување на цената ќе направи комфорна зона во работењето на компаниите без потреба од иновации и подбрување на ефикасноста“, се наведува во студијата на Агенцијата за супервизија на осигурувањето(АСО).

Информациите велат дека денеска повтарно треба да се состане Комисијата за автоодговорност која е составена од претставници на државни институции и да ја разгледа оваа студија на Агенцијата за супервизија на осигурувањето и да донесе конечна одлука. Доколку се прифатат овие наоди, Министерството за финансии на владина седница ќе треба да ги ограничи средствата кои компаниите од осигурителниот бизнис ги довиваат како режиски додаток, односно со тоа ќе биде вратен стариот ценовник од пред десетина дена. Во меѓувреме граѓаните кои имаат обврска да ги регистрираат своите возила овие денови додека трае ова недоразбирање, си плаќаат поскапа регистрација.

Инаку, официјалните податоци на Агенцијата за супервизија на осигурувањето велат дека, десет осигурителни компании оствариле добивки или профити во 2023 година. Само една завршила со загуба од работењето. Нивните профити се остварени како резултат на приходите од продажба на автомобилско осигурување. Со ваквото зголемување на цената на услугата за осигурување може да се констатира дека компаниите од овој бизнис ќе добијат и една демотивација за да ги подобруваат и дигитализираат процесите на работење и да ја зголемуваат ефикасноста и ефективноста.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП