По стапките на мечките ја пронашол лековитата билка

9863

– Не се опишува адреналинот кога ги гледав стапките на мечките на снегот, а јас сам на патеката. Трагите беа колку две мои тупаници. Среќа што се губеа во шумскиот појас и не одеа по патеката цело време. Тогаш ми се роди идејата за промоција на мечкиниот лук и за неговите позитивни дејства. Тоа ми беше прво испитување на теренот каде што со илустрирана литература за фитотерапија го споредував листот на мечкиниот лук, иако беше препознатлив по самиот мирис. Сепак, чекав да дојде период на цветање и да се уверам дали е мечкиниот лук, бидејќи и мразовецот е со сличен лист, опишува Вељанов за весникот ВЕЧЕР

Здружението „Убавините на Скопска Црна Гора“ по трет пат ја организираше „Сремушијада“, настан посветен лековитата билка сремуш или попозната како мечкин лук. Дејан Вељанов, претседател на Здружението, за весникот ВЕЧЕР говори дека првата „Сремушијада“ е организирана во 2021 година и на почетокот се одржувала во деновите на велигденските празници, но оваа година беше порано, во текот на април, поради пораното вегетирање на билката.

– Првата неофицијална и првата официјална „Сремушијада“ ја организиравме на тие празници. Последниве две години бидејќи многу рано вегетираше мечкиниот лук немавме можност таа да биде околу Велигден, па решивме претпразнично за време на страдалната недела, а во зависност од временските услови, дали на Велики петок или Велјасабота и вториот ден на Велигден, да поминеме на некоја манастирска патека на Скопска Црна Гора – вели Вељанов.

Тој нагласува дека пред да се формира здружението во 2018 година се движел на долга патека од Бањани по дел од зимската патека преку повеќе врвови, почнувајќи од Душановац (1.225 метри н.в.) сè до Пржар (1.626 метри н.в.) и надолу кон Спирова колиба и сè до Побожје или Љубанци  во вкупна должина од 35 километри. При движењето тој забележувал траги од мечка, посебно околу Преслап каде има разурнати шумски куќи и таму ги наоѓал првите примероци од мечкиниот лук.

– Трагите беа колку две мои тупаници. Среќа што се губеа во шумскиот појас и не одеа по патеката цело време. Тогаш ми се роди идејата за промоција на мечкиниот лук и за неговите позитивни дејства. Тоа ми беше прво испитување на теренот каде со илустрирана литература за фитотерапија го споредував листот на мечкиниот лук, иако беше препознатлив по самиот мирис. Сепак, чекав да дојде период на цветање и да се уверам дали е мечкиниот лук, бидејќи и мразовецот е со сличен лист – опишува Вељанов.

Првата берба на мечкин лук била во 2019 година во месноста Племна.

– Од постари планинари научив дека го има на Китка, Дуфски Водопад и други локации низ Македонија, па си реков зашто да не го промовирам на Скопска Црна Гора. Следните години првите сремушијади ги организиравме на голем петок, пред христијанскиот празник Велигден – наведува Вељанов.

Тој додава дека првата „Сремушија“ во 2021 година ќе ја памети по тоа што била организирана хуманитарна акција. Секој учесник на турата донирал по 100 денари, а собраните средства биле наменети за лице со загрозено здравје од Скопје.

– Лани на вториот ден од Велигден, бевме на кратко раздвижување по дел од Манастирска патека 2 и 3 во околината на Побожје и се собравме на летниковецот пред манастирот „Пресвета Богородица“ над Побожје. Од оваа година ќе почнеме две акции, а ако ни дозволат временските услови и ќе организираме и три настани – најавува Вељанов.

Утре, на Велики петок, Здружението „Убавините на Скопска Црна Гора“, организираат пократка тура од село Бањани кон Давина кула, на надморска височина од 535 метри, каде што има остатоци од рано христијански храм. Додека на голема сабота тие ќе се движат до Жеглиговскиот манастир над Матејче.

– Една побрза група од скопска страна, додека друга група од селото Матејче до Жеглиговскиот манастир и назад. Од скопска страна ќе се движиме од Раштак преку Богданова чешма кон Влаин гроб и надолу кон Жеглиговскиот манастир и околу Влаин Гроб каде поминува Муратово џаде. За време на косовската битка турската војска поминала по тој пат. Патот почнува од Арачиново а завршува на врвот Студена на надморска височина од 1.428 метри над Блаце, каде продолжува кон Косово – истакна Вељанов.

Вториот ден од Велигден, пак, здружението предвидува тура во рамките на која ќе се движат повторно на дел од манастирска патека 2 и 3 во околината на Побожје кон манастирот „Пресвета Богородица“ над Побожје.

Кога почнал првично да го промовира мечкиниот лук на Скопска Црна Гора, на социјалните мрежи му пишувале други собирачи дека мечкиниот лук е отровен мразовец, од кој се умира за 24 часа поради труење, иако, како што вели тој, и самите гледале дека станува збор за мечкин лук.

– Затоа, им реков за неколку недели ќе добиете слика со цветот на мечкиниот лук. Мошне стресно беше што неколку други учесници го консумираа на лице место и се создаде паника меѓу нив. Но, беа поминати 24 часа откако го консумираме на лице место и им кажав дека нема потреба од страв, бидејќи немаат никакви симптоми, а при труење со мразовец веднаш има силна болка во стомакот, отежнато дишење и, за жал, фатална смрт – потенцира Вељанов.

Нему му е жал што луѓето имаат ниска култура и така се однесуваат и на планина при собирање на мечкиниот лук.

– Газат покрај него, го корнат собирајќи го. Според некои информации, собираат и пупки и семе како додаток во исхраната што не е логично. Собирајќи пупки и семе го зголемуваат ризикот од угинување на самата билка. Пробав да поттикнам акција за пресадување на пониски места каде што не вегетира, а има услови да вегетира, но беше залудно бидејќи немаше никаков интерес и сè уште нема – дециден е Вељанов.

Од мечкиниот лук, сремуш, се подготвува превкусна песто паста, по избор мрсна или посна и се консумира на местото на настанот, намачкана на леб.

Мечкиниот лук  ги чисти крвните садови, го нормализира крвниот притисок и го нормализира холестеролот

Мечкиниот лук е повеќегодишно растение богато со растителни протеини, корисни аминокиселини, како и разни витамини. Поради високата содржина на витамин Ц- околу 100 мг на 100 г свежи листови, и фитонциди (природни антибиотици), се смета за антивирусно растение. Придобивки од употреба на мечкиниот лук се тоа што ги чисти крвните садови, го намалува холестеролот и го нормализира крвниот притисок, ја подобрува работата на цревата, а листовите имаат и антивоспалителни својства. Треба да го консумираат оние кои страдаат од пролетен недостаток на витамини и слаб апетит.

Инаку при берењето, се берат само листовите, при што се остава по еден лист на секое стебло (не се корне стеблото) и се очекува на истото стебло да се развијат пупки од кои во иднина ќе се развијат нови листови.

(А.П.)