Состојбите во кои се наоѓа акционерското друштво во државна сопственост „Национална пошта“ се повеќе од алармантни. Илјадници граѓани секојдневно талкаат по поштенските објекти и ги бараат своите препорачани пратки (сметки, казни за сообраќајни прекршоци, решенија, уверенија…), а откако нема да ги најдат, се соочуваат со извршни решенија од извршителите.

Од друга страна, пак, илјадници граѓани со месеци ги чекаат и ги бараат своите платени нарачки од „еБај“, „Али експрес“, „Амазон“ и слични страници за онлајн купување.

– Срамота е во 21 век да се губат пратки, да им се враќаат на испраќачите, а секоја трета недела да не може да се испраќаат пратки од Македонија кон некои држави, меѓу кои некои се и наши стратешки партнери (минатата година, неколку месеци беше невозможно да се испрати каква било пратка за САД) – велат од Центарот за современи уметности, од каде што, инспирирани од ваквата состојба со поштенскиот сообраќај во земјава, направија скулптура, која ја поставија неодамна, на паркингот пред влезот во Пошта 2, кај Железничката станица во Скопје и која потоа брзопотезно беше тргната.

Велат дека идејата за акцијата „Поштата е брза, само бавно стигнува“ била инспирирана од фактот дека иако веќе помина и први април, многу граѓани сè уште добиваат новогодишни честитки, а на некои и тие им доцнат.

– Сè на сè, поштенските пратки на „Национална пошта“ се движат со брзина на полжав и токму затоа и ја изработивме оваа скулптура, сакајќи да го потенцираме овој проблем и да извршиме јавен притисок за подобрување на состојбите во ова АД и за изнаоѓање на проблемите со кои се соочуваат претпријатието и неговите вработени. Истовремено, со оваа акција му даваме поддршка и на Синдикатот на поштенските работници, кои неодамна штрајкуваа, барајќи ги своите неисплатени плати, како и реорганизација во работењето на претпријатието за да може граѓаните да добијат подобри поштенски услуги – потенцираат од Центарот за современи уметности.

Пред еден месец, синдикатите на Пошта организираа протест, барајќи редовна исплата на платите, но и средување на состојбите во фирмата во која нема шалтерски работници и поштари, но затоа има преполни работни места во администрацијата и на шефовските позиции. Вчера, од синдикатите се заканија со организирање нов протест и почнување постапка за штрајк откако, по минатомесечниот протест, не добиле одговор на барањата за состанок со Управниот одбор и со Владата.

– Како синдикат, почнуваме со подготвување на систематизацијата со вклучување експерти. Целта е да ѝ се приложи на која и да биде идна влада за да се почне веднаш со реформи, реорганизација и стабилизација на друштвото. Состојбите се крајно сериозни, финансиската состојба е алармантна, како вработени, загрижени сме за редовната исплата на платата. Вчера зедовме плата, но имаме неисплатена плата на над 200 договорни поштари – рече синдикалниот лидер, Боро Велигденов.

Според него, важно е да не се продолжи со лошата кадровска политика, со партизацијата што се провлекува со години и години наназад и ја доведе Пошта до работ на опстојување. Клучен проблем е токму систематизацијата.

– Со постојната систематизација, а веруваме дека нема таква организација во работењето во ниту една институција, имаме 15 подружници, 15-мина директори, седуммина членови на Управниот одбор, шефовски места, раководни позиции, советници, стручни соработници, а сè помалку работници во технолошкиот процес – укажа Велигденов.

Смета дека треба да се изготви нова систематизација, согласно со потребите на друштвото и на пазарот и да се стави огромен акцент на технолошкиот процес и на обработката на пратките.

– Со систематизација, сите аномалии и проблеми во работењето ќе се надминат и ќе се позиционираме на пазарот, односно ќе им ја вратиме Македонска пошта на граѓаните со редовна и навремена достава на пратките. Има работници што не доаѓаат на работа, има работници што доаѓаат, а не знаат кои им се работните места, затоа е таа нова систематизација – да ја поттикнеме продуктивноста во работењето. Со самото тоа, ќе ги зголемиме приходите и ќе можеме самостојно да функционираме како друштво – смета синдикалниот лидер.

Според него, по последниот протест на вработените минатиот месец, УО и Владата не одговориле на барањата за состанок, ги нарушиле начелата и принципите за социјален дијалог и ги оставиле вработените сами да се борат за спас на Македонска пошта и за зачувување на работните места.

Велигденов рече дека во активностите што ги најавува, нема да учествува другиот репрезентативен синдикат во Пошта, бидејќи  раководството на тој синдикат, по протестот, донело таква одлука.

Потсети дека за новата систематизација, која е темел на реформите, УО донел заклучок за итно почнување уште пред година и пол и е формирана комисија, која уште не почнала со работа. Систематизацијата е дел и од спогодбата потпишана пред две и пол години, во текот на генералниот штрајк.

Поради распишаните избори, во тек се консултации со членството за да се одлучи како ќе се настапи за плановите за организирање протест и штрајк.

– Најавуваме натамошни активности во насока на организација на протест, како и започнување постапка за штрајк. Во моментов се прават анкети, се информираат вработените за поголемо учество во натамошните активности, меѓутоа, во насока на заштита на работничките права и како синдикат, ќе ги преземеме сите активности и мерки за заштита на нашите работнички права, како што се протести. Бидејќи сега се избори, во наредниов период ќе одлучиме како ќе настапиме – рече Велигденов.

Директорот на „Национални пошти“, Идри Истрефи, неодамна изјави дека ваквата слика на Пошта не е нова и не е од денес. Тоа е состојба што се повторува во изминативе години. Напластените долгови се само дел од проблемите со кои се соочува компанијата, вели тој.

Синдикалците велат дека во Пошта има околу 1.800 вработени и 200 поштари со договор на дело, кои со години работат без здравствено осигурување и за минимална плата.  

(С.Бл.)