Home Популарно на 365 ЗАГАДЕНА СВЕСТ

ЗАГАДЕНА СВЕСТ

0
ЗАГАДЕНА СВЕСТ
Фотографијата е преземена од фејзбук настанот против загадувањето во Скопје

Гледам по социјалниве мрежи, илјадници ФБ профилни на луѓе со гас маски. Илјадници фотки за тоа колкава е загаденоста. Триумфализам дека нашата демек престолина е најзагадената во светот. Со сите нејзини бели ѕидови, барокни изданија, Прометеј со покриената машкост, до мудата на Букефал и славниот воин на него.

На собирот пред влада едвај 400-500 луѓе. Кафаните полни. Кладилниците исто така. Она што е основен наш интерес остана на маргините како и секогаш. Никако да излеземе од комфорот на социјалните мрежи. Да научиме да се бориме, да бидеме нешто поразлично од самите животни. Да побараме начин да си го смениме мизерниот живот. А ексклузивното право на нашите животи, им го дадовме на политичарите. За нив дремеме на барикадите и спиеме по шаторите. За нашиот воздух, за децата кои дома си ги внесуваме со мирис на оџак, се вовлековме во нашата малодушност. Ние сме директни соучесници во нивното страдање, заедно со пасивните моќници кои епизодно ни продаваат призор дека водат некаква битка за нешто да променат.

Ако е Скопје единствен град, од најзагадените 10 во светот со помалку од 1 милион жители, тогаш некој треба да ни даде одговор, што тоа излегува од фабричките оџаци. Што е тоа што се спалува на нашите депонии. Не залажаа со мерките за Дизелот, а во Лос Анџелес или Њујорк, крстарат на ден над 5 милиони дизел возила. Овие градови не се ни меѓу првите 100 по загаденот. Имаат и 20 пати поразвиена индустрија од нас.

Сериозно не ве интересира што е тоа што ни љути во грлата и не пече во очите? Не се посомневавте ли на миг дека станавме Мека на најотровниот европски отпад? Некој наплатил за тоа, а вас ќе ви продава пуфки за панелки, дизел горива и слично. Вашиот молк им оди во прилог и понатаму да го прават тоа. Да го палат кај нас она што во нормални држави, не смее ни да помине.

Каква свест, таков и економски стандард. Каква свест, таков и квалитет на живот. А таа е загушена. Измешана со ПМ честичките кои нѐ измутираа во некоја нова форма на луѓе, која не признава горни граници за токсичнот. Можеме ние и со над 50 пати од дозволеното.

И сетете се само на политичарите кои до скоро маршираа со вас а сега ве игнорираат! И сетете се на оние кои ве игнорираа до вчера, а сега зборуваат за загадувањето. Тоа се истите луѓе но со различна и сменета улога. Нив на тоа ги тера политиката од која дебело заработуваат и наплатуваат. Ние сме оставени самите на себе. Да излеземе од нашите школки и да се упатиме на бината, каде ќе поставиме едноставно прашање.

Што е тоа што не гуши и пече во грлата? Што е тоа што им ја умирисува косичката и гардеробата на нашите најмалечки и најмили?

Само толку…

НАПИША: БУЛЕВАРКО ЗА 365.com.mk

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here