Помалиот теренец на Porsche кој нема да се придвижува од мотор со внатрешно согорување, во најмоќната верзија ќе има повеќе од 600 коњски сили и 1.000 Nm вртежен момент

Очигледно, во Porsche биле принудени да ги корегираат претходните планови според кои електричниот теренец Macan требаше да им биде достапен на купувачите од следната година, а причината се познатите проблеми со испораката на микрочипови, кои, за жал, ги расипуваат плановите на повеќето автомобилски компании.

Како и да е, помалиот теренец на Porsche кој ќе се вози само со електромотор(и) треба да им биде достапен на клиентите од 2024 година, а додека продолжуваат интензивните тестирања во Цуфенхаузен, од компанијата открија некои технички детали за нивниот втор електричен модел на нова платформа која е резултат на заедничко вложување на Porsche и Audi.

Најмоќниот електричен Macan ќе биде придвижуван од два електромотори кои ќе се комбинираат за да произведуваат повеќе од 600 коњски сили и 1.000 Nm вртежен момент. За напојувањето е одговорен батерискиот пакет со капацитет од 100 kWh, а електромоторите ќе ги придвижуваат двете оски. Покрај гореспоменатата платформа, Macan ќе се нуди и во комбинација со еден електромотор кој се наоѓа одзади и ќе биде задолжен за придвижување само на задните тркала.

Масата на автомобилот не е соопштена, но се открива дека во комбинација со два електромотори, 48 отсто од вкупната моќност ќе оди на предната оска, а 52 отсто на задната оска. Не е откриен ниту опсегот што ќе го обезбедуваат батериите на Macan (литиум-јонски), но се вели дека 25 минути ќе бидат доволни за да се наполнат од пет до 80 проценти на соодветно моќни полначи.

Познато е и дека електричниот Macan ќе има помал круг на вртење и управување преку двете оски при брзини до 80 km/h, а Porsche ќе го нуди паралелно со сегашните верзии на Macan придвижувани од мотори со внатрешно согорување.