Куп на Африка: Брегот на Слоновата Коска – Нигерија за титулата

Брегот на Слоновата Коска и Нигерија ќе играат во финалето на Купот на Африка во фудбал, во недела во Абиџан (21 часот).

Домаќинот на шампионатот, Брегот на Слоновата Коска (БСК) го совлада Конго, минимално со 1:0 со голот на напаѓачот на Борусија Дортмунд, Себастијан  Алер во 65 минута, предизвикувајќи бурна прослава на преполниот стадион „Аласане Уатара„ на кој имаше 60.000 луѓе.

Алер за прв пат беше стартер на турнирот откако целосно се опорави од повредата на скочниот зглоб, што е уште една добра вест за жителите на Брегот на Слоновата Коска кои се убедени дека Бог им помага на патот до третата титула првак на Африка.

БСК стана првиот домаќин кој стигнал до финалето, по Египет во 2006 година. „Фараоните“ се последниот тим што го подигнал трофејот на домашен терен таа година.

БСК го отпушти селекторот Жан-Луј Гасе пред да ја мине групната фаза и за привремен селектор го именува Емерсе Фае. Со него на чело БСК во нокаут фазата ги елиминира Сенегал и Мали и е пред освојување на третата континентална титула, по 1992 и 2015 година.

Противник на БСК во големото финале е Нигерија, трикратниот шампион, во 1980, 1994 и 2013-та, која во второто полуфинале ја елиминира Јужна Африка, на пенали со 4:2, откако по 120 минути игра мечот заврши без победник, 1:1.

Моментот на натпреварот и неверојатната ситуација се случи во финишот кога при една ветувачка ситуација за Ј. Африка во шеснаесетникот на Нигерија, дојде до контранапад што Виктор Осимен го круниса со гол, за 2:0.

Потоа на сцена стапува ВАР и му сугерира на судијата дека пред контрата на Нигерија имало спорна ситуација во спротивниот шеснаесетник.

По прегледот на снимката за тоа што се случило во шеснаесетникот на Нигерија, голот на Осимен беше поништен и досуден пенал за израмнување 1:1, во 90. минута!

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО