Коалицијата го овластила Мицкоски да преговара за формирање влада


 

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска оствари средба со претседателите на партиите во состав на коалицијата „Твоја Македонија“ на која се разговарало за формирањето на идната влада.

Според соопштението од ВМРО-ДПМНЕ, било констатирано дека коалицијата остварила историски резултат кој создава и одговорност за реализирање на очекувањата.

Коалициските лидери го овластиле Мицкоски да почне преговори за состав на идната влада.

Според информациите Мицкоски утре ќе разговара со лидерите од коалицијата „Вреди“ – Арбен Таравари, Изет Меџити, Билал Касами и Африм Гаши. Наводно, почетната понуда на Мицкоски била четири, најмногу пет министерски позиции за „Вреди“, но од албанската опозицијата барале пет до шест, плус претседател на Собранието. По утрешната средба, преговорите за владина коалиција се очекува да ги продолжат по работни групи.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ допрва треба да ги испита можностите за евентуално коалицирање со ЗНАМ и тогаш параметрите за распоредот на министерствата би се променил.