„Tesla“ отпушта повеќе од 10 отсто од работниците

Американскиот производител на електрични автомобили „Tesla“ планира да отпушти повеќе од 10 отсто од својата работна сила, покажа внатрешен допис во кој увид имал Reuters, во услови на слаба побарувачка и жестока ценовна конкуренција.

„Во подготовките на компанијата за нашата следна фаза од растот, исклучително е важно да се проучи секој аспект (…) за да се утврдат можностите за намалување на трошоците и подобрување на продуктивноста“, напишал извршниот директор Илон Маск во писмото до вработените, наведува агенцијата.

„Како дел од овие напори, темелно ја анализиравме организацијата и донесовме тешка одлука да го намалиме нашиот број на вработени за повеќе од 10 проценти на глобално ниво“, го цитира Reuters споменатиот документ.

Точната бројка не е наведена.

Според годишниот извештај за 2023 година, „Tesla“ имала 140.473 работници во декември.

Од „Tesla“ не договориле веднаш на барањето на Reuters за коментар за информациите за отпуштањата, за што првпат објави специјализираната публикација Electrek.

Маск најави отпуштања за 10 проценти од работниците и во 2022 година, велејќи им на директорите, како што тогаш објави Reuters, дека има „лошо чувство дека економијата не оди добро“. Компанијата досега не соопшти колку работници евентуално отпуштила во 2022 година, а нивниот број во меѓувреме се зголеми.

На почетокот на месецот, „Tesla“ прелиминарно објави дека испорачале приближно 387.000 возила во првиот годишен квартал, приближно осум отсто помалку отколку во првите три месеца од претходната 2023 година, засебно, меѓу другото, од кризата во Црвеното Море и подметнувањето пожар во објектот во близина на Берлин.

Компанијата ги намали цените неколкупати минатата година за да ја одржи побарувачката, што се одрази со скок на продажбата од 40 отсто и продадени 1,8 милиони автомобили. Приходите на крајот од годината остро забавија, на само три отсто, а водството предупреди дека очекува многу послаб раст во 2024 година.

Маск потоа предупреди дека кинеската конкуренција „повеќе или помалку ќе ги уништи повеќето други автомобилски компании во светот“ доколку не се воспостават трговски бариери. Повикот на Маск за трговски бариери на сѐ поконкурентниот пазар уследи по извештајот кој покажа дека кинескиот BYD го надминал „Tesla“ во продажба во четвртиот квартал.

Дополнителен проблем е падот на продажбата, по неколкуте добри години. Кинеските производители, исто така, ги намалија цените за да ја зголемат продажбата, а Европа забележа пад од речиси 17 проценти ланскиот декември во споредба со истиот месец претходната 2022 година, според здружението ACEA.