Имам нешто да те прашам

Сања Савеска: Во Новата година излезете од телефоните и живејте го животот со луѓето што ги сакате (Фото+Видео)

Таа е позната македонска водителка. „Брза кујна“ за неа не е никаков проблем. Емотивна, срамежлива, убава, но сепак, секогаш насмеана и позитивно расположана. Животот со музика е поубав вели таа, а знае да се израдува на мали нешта, како што се новогодишните празници и целата таа еуфорија.

Почитувани, Сања Савеска во денешното новогодишно интервју на Музика24.

Уживајте!

Музика24: Кон крајот од уште една интересна година редно е да сублимираме по што ќе ја паметиме… За волја на вистината поминавме кризи, инфлации, замрзнување-одмрзнување на цени, протести, но имаше и убави моменти, музички фестивали, нови хитови, убави и интересни концерти… Што Ви остана како белег, сеќавање на 2023-та година?

Сања Савеска: Година која мислев и очекував да биде подобра. Но, тоа е што е, не може да биде се како што сме планирале и замислиле. Годината како и животот, непредвидлива, брза, и она најважното, неповторлива. Немам некој посебен белег, позначаен настан по што ќе ја паметам оваа година. Најважно од се е во Новата година да ги заборавиме помалку убавите работи и да зачекориме надевајќи се секогаш на подобро и да се стремиме кон нови успеси.

Музика24: За разлика од предходните неколку години, оваа година многуте музички фестивали (кои за среќа се уште постојат) понудија голем број на композиции и песни кои претендираат да бидат хитови. Која според Вас песна ја одбележа 2023-та година и го заслужува епитетот Хит на годината?

Сања Савеска: Навистина е убаво што музиката никогаш не запира. Фестивалите го разубавуваат музичкото небо, треба да ги негуваме и целосно да се вратат во полн сјај. Сведоци сме на многу нови ѕвезди кои се раѓаат на тоа небо и тие се вистинско место каде може да испливаат вистинските квалитети, пеење во живо со оркестар, има ли нешто помоќно. Имаме таленти несомнено, и млада и убава енергија која го движи секој нов ден во етерот. Не би можела да одвојам апсолутен хит, бидејќи една музика ми е за лето, друга за зима, една за среќен ден друга за помалку среќен… но важно да има музика, поубав е животот со неа.

Музика24: Се приближува популарната новогодишна еуфорија кога секојдневно се случуваат забави, афтер парти, шопингувања… Во потрага сме по најубавиот подарок за најсаканите. Дали и Вас ви се случува во овој период од годината да бидете еуфорични, односно како делува целата новогодишна еуфорија на Вас и Вашето секојдневие?

Сања Савеска: Апсолутно не. Ја сакам радоста која ја носат празниците , но не до степен на еуфорија и трчање како да не знам што ќе се случи.

Музика24: Кога веќе ги споменуваме новогодишните подароци, како одбирате што да подарите, односно, според што се водите кога бирате новогодишен подарок?

Сања Савеска: Одбирам мало внимание за личностите кои ми значат, и не е ми е тешко да се одлучам, бидејќи единствено се ангажирам само за луѓето кои добро ги познавам и вистински ми значат. На прво место се внуците и мислам дека радоста во нивните очи кога ги отвараат подароците е мевлем за душата.

Музика24: Денес е вистинска реткост некој да праша дали сте среќна личност? Дали практикувате да се интересирате за блиските луѓе што ги прави среќни и колку се трудите да стимулирате убаво расположение?

Сања Савеска: Најпрвин треба да се запрашаме дали ние самите сме вистински среќни. И што ако не сме. Треба ли да поминеме уште еден ден, месец и година задоволувајки ја само туѓата потреба за среќа ? Ние сме научени дека треба да ги правиме другите среќни, да им дадеме простор и можност да ја уживаат својата среќа, но мора да знаеме дека тоа не смее да биде по цена на нашата лична среќа. Сакам да донесам убава енергија и да направам среќна атмосфера околу мене, и сакам истиот тој труд да го добијам за возврат. Кога сите би се труделе да донесат повеќе насмевки од намуртени и вообразени фаци, верувајте и најсивиот ден би бил поубав.

Музика24: Сите ние правиме грешки и никој не е безгрешен. Што е она што во 2023-та да имате можност би го смениле, или би посакале воопшто да не се случило?

Сања Савеска: Најголемата грешка која ја повторувам е што безрезервно им верувам на луѓето. Видовме за жал дека не знаеме со кого и со каков човек може да седиме и пиеме кафе. Луѓето се лицемерни, глумци. Оваа 2023 се држев малку понастрана од се околу мене, но ако може од претходните години да сменам, да, на една личност не би и дала шанса да ја злоупотреби мојата добрина.

Музика24: Која песна, или рефрен деновиве го потпевнувате, односно дали денот го започнувате со песна и музика?

Сања Савеска: Овие денови во глава ми се врти новата песна на Павле Камилоски, „Да си моја ти“.

Музика24: Дали се уште верувате во легендата за Дедо Мраз и дали за него имате годинава некоја порака?

Сања Савеска: Би сакала да верував и да можеше со еден убав бел снег да ја очисти омразата и злото околу нас.

Музика24: Веќе сме на прагот на една нова, се надеваме и веруваме поуспешна и поубава година за сите нас. Кои се Вашите пред се професионални планови и замисли и што би сакале да се случи ново на приватно поле во Новата 2024-та година?

Сања Савеска: Професионално би сакала да напредувам во работата и да можам да ја задржам енергијата која ми е потребна за да ја пренесам на гледачите. Приватно сакам мир и спокој, здравје за најблиските и мене, само така ќе може се да реализираме и професионално и приватно.

Музика24: Наскоро не очекува дочекот на Новата 2024-та година, па каде планирате да ја дочекате и со кого?

Сања Савеска: Новата година без некоја голема еуфорија би сакала да ја дочекам во добро здравје и расположение, опкружена со најблиските. Немам некоја дестинација испалнирано засега, последните денови од годината ќе ги поминам работно, па можеби во Новата година ќе има простор за повеќе патувања.

Музика24: Новата година не е комплетна без Дедо Мраз, без неговите ирваси, без даровите, но и без желбите. Кои се вашите желби за Новата 2024 година?

Сања Савеска: Никогаш не сум си посакала патувања, еве оваа година ќе си посакам баш тоа, да патувам повеќе и секако многу здравје и насмевки во секој ден, за сите.

Музика24: Со новогодишната порака би го завршиле овој забавен раговор, па ајде да чуеме на кој начин Вие ќе им ја честитате Новата година на вашите фанови, обожаватели, сите оние кои што ве почитуваат и сакаат и секако на читателите на единствениот музички портал во Македонија, Музика24?

Сања Савеска: Излезете од телефоните и живејте!!! Животот е краток, нека биде секој ден радост со луѓето кои искрено ви значат и ги сакате. Бидете сите искрено среќни!!!

Интервјуто го подготви: Иван Јосимовски

Можеби ќе ве интересира: