Башкими со ШЕСТ гола го „здроби“ Маџари

Лидерот Башкими немаше проблеми да запише нов триумф, откако во 14-тата рунда со високи 6:1 го „здроби“ Маџари Солидарност за свој 11-ти триумф во Третата македонска фудбалска лига – Север.

Мечот беше решен уште во првиот дел кога лидерот имаше водство од 4:0 со погодоците на Азири, Хасан, Аљиљи и Имери. На стартот од вториот дел Крутај постигна гол за убедливи 5:0, а пак Пандовски во 67. минута намали на 5:1. Конечниот резултат од 6:1 го постави Даути во 82. минута.

ССК Нова во дуелот со Петровец одигра нерешено (0:0) со што го подели „пленот“, а идентични 0:0 одиграа и Башкими Љуботен и Аеродром со што и на оваа средба имаше поделба на бодовите.

Второпласираниот БВК Коњаре со минимални 1:0 го доби дуелот со Студена Вода, а стрелец на победничкиот гол кој падна во 19. минута беше Фати Јусуфи.

Еуромилк ГЛ со головите на Павловски и Малов постигнати во првиот дел славеше над Раштак со 2:1. За гостинскиот тим Караиванов погоди во 49. минута за конечните 2:1.

Волково го запиша првиот сезонски триумф, откако во дербито од дното на табелата со 5:2 славеше над Илинден. Волково првото сезонско славје го најави уште во првиот дел кога Деспотовски, Спировски, Патров и Тодоровски погодија за 4:0 на полувреме.

Во вториот дел Арсовски постигна гол за 4:1 во 52. минута, а три минути подоцна Даниел Боневски погоди за 5:1. Во 73. минута од мечот Трајановски погоди за конечните 5:2.

Риниа и Кадино одиграа 1:1 во меч каде домашниот тим прв стигна до водство со голот на Таири во 63. минута, а пак Стојановски стрелаше за ланскиот второлигаш во 74. минута и ги постави конечните 1:1.

Фортуна славеше во дербито со Беса Влазрими на домашен терен со 2:1. Двоен стрелец за домашниот тим беше Фљорим Муртезани кој стрелаше во 44. и 61. минута, а пак за гостите во 57. минута погоди Шуајб Бајрами.