Одлуката да поведе постапка за „балансерот“ Уставниот суд ја донесе на 18 септември, по седницата на која судиите расправаа дали со наведувањето на припадноста на заедницата, што е потребно за пополнување на секое работно место, на кандидатите за административни службеници им се ограничува достапноста на секое работно место, односно дали со „балансерот“ се нарушува начелото на стручност и компетентност и се повредува и уставно загарантираното право на работа и слободен избор на вработување
Уставниот суд на денешната 27. седница одлучи да го укине „балансерот“ – алатката за вработување според национална припадност во државните институции. Одлуката нема да важи ретроактивно, јави МИА.
Повеќе за одлуката, како што е најавено, ќе информира денеска на прес-конференција претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски.
Одлуката да поведе постапка за „балансерот“ Уставниот суд ја донесе на 18 септември, по седницата на која судиите расправаа дали со наведувањето на припадноста на заедницата, што е потребно за пополнување на секое работно место, на кандидатите за административни службеници им се ограничува достапноста на секое работно место, односно дали со „балансерот“ се нарушува начелото на стручност и компетентност и се повредува и уставно загарантираното право на работа и слободен избор на вработување.
Покрај поведување постапка по предметот, Уставен истовремено ја замрзна употребата на „балансерот“ до донесување на конечната одлука. По ваквата одлука, Министерството за јавна администрација пред една недела донесе насоки за државните институциите како да постапуваат при вработувањата.
Предметот во Уставен беше оформен по иницијатива поднесена од стариот состав на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), бидејќи оттаму сметаа дека преку алатката се прават злоупотреби при вработувањата.
Одлуката за поведување постапка за „балансерот“ предизвика реакции кај партиите на Албанците, особено оние во опозиција. Така, од Демократската унија за интеграција (ДУИ) одлуката ја оценија како почеток на уништувањето на меѓуетничките односи, што ќе отвори нови проблеми, кои, како што наведоа од партијата, ќе доведат до рушење на основните темели на Охридскиот договор.
Зијадин Села од опозицискиот „Европски фронт“ предводен од ДУИ, исто така, оцени дека со укинување на „балансерот“ се нарушуваат основните човекови права на граѓаните на оваа држава.
Од друга страна, пак, првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити од коалицијата „Вреди“, во интервју за ТВ 21, коментирајќи ја одлуката Уставниот суд, изјави дека овој механизам е девалвиран, а неговото време е завршено и дека со евентуално негово укинување Албанците во државава не губат ништо.
Според него, при формирањето на новата влада, политичкиот договор меѓу „Вреди“ и партнерите од ВМРО-ДПМНЕ бил „балансерот“ да биде унапреден во закон за соодветно претставување на малцинските заедници и му забележа на Уставен дека не го нашол моментот за да поведе постапка.