ВМРО-ДПМНЕ исклучува соработка со Ахмети во Влада

Османи вели - „Дали треба да земам табла и да нацртам, јалови се обидите да се потцени второто мнозинство

1590

„Дали треба да земам табла и да нацртам? Нема влада без Бадентерово мнозинство и без тоа не може да има функционално мнозинство за формирање на влада, тоа е во духот на Рамковниот договор, им порача потпретседателот на ДУИ, Бујар Османи на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ.

Учеството и соработката во идната заедничка влада по изборите на 8 мај е дел од реториката во кампањата за парламентарните избори и тема за вербални судири меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ.

– Со Рамковниот договор неопходни се две мнозинства за формирање Влада – парламентарното од 61 плус Бадентеровото-Рамковниот договор има механизми за заштита на заедниците од надгласување, не е за заштита на мнозинската заедница. Затоа бара покрај 61 и Бадентерово мнозинство. Јалови се сите обиди да се потцени второто мнозинство при било кои избори по 2001 година“, изјави Бујар Османи.

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и носител на листа во 4. изборна единица Александар Николоски, пак, го повтори ставот дека неговата партијата ВМРО-ДПМНЕ нема да има соработка со ДУИ во заедничка влада по 8 мај. Дециден е дека исклучена е секаква соработка со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, во која било варијанта.

– Ние сме многу сериозни дека ДУИ ќе оди во опозиција, јас сум свесен дека до првиот круг најголем дел од политичката елита и дел од граѓаните во Македонија мислеа дека блефираме и дека го правиме тоа за политички поени. Свесен сум дека во овој момент има граѓани кои сè уште мислат дека ова го правиме како политичка игра, но ние ова ќе го реализираме и нашата поддршка после изборите ќе расте затоа што ќе видат дека го држиме зборот како што го одржавме дека нема да има измени на Уставот под бугарски диктат и немаше“, изјави Николовски

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, деновиве изјави дека идната влада ќе ја предводи неговата партија, и дополни дека во неа ќе учествува и коалицијата на албанските опозициски партии кои на изборите настапува под името Вреди.

Од ДУИ досега не отфрлија можна коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, иако оттаму упатија низа обвинувања до ВМРО-ДПМНЕ, меѓу кои дека секојдневно рециклираат националистички тези, флертуваат со проруски интереси, отворено се закануваат на, како што велат, славното востание од 2001, ги зголемуваат тензиите меѓу етничките и верските заедници, додека, како што дополнуваат, ДУИ гарантираат стабилност и соживот.