Споменик на гемиџиите Јордан Поп Јорданов, Димитар Мечев, Константин Кирков, Илија Трчков и Владимир Пингов / Фото: Здравко

Младите македонски анархисти ги извршиле најголемите атентати на своето време. Сите странски дипломати во Солун ги известиле своите влади за случувањата во Солун. Директно од бомбите на гемиџиите настрадале „Гвадалкивир“, Отоманската банка, гасоводните цевки, „Гранд хотел“ во Солун, кафеаните „Ал хамбра“ и „Ноја“ и „Бошнак-ан“. Биле урнати Германскиот клуб, кафеаната „Египет“, како и неколку други локали

Повод: 121 година од Солунските атентати

Во последните денови на април во 1903 година, млади Македонци со крајно индивидуалистички и анархистички убедувања, водени од идеалите за слобода на Македонија и македонскиот народ, ги извршија фамозните Солунски атентати. Бомбашките напади во Солун имаа цел да предизвикаат директно вмешување на големите сили во решавањето на македонското прашање. Атентаторите верувале дека со нападите врз странскиот капитал во Османлиската Империја ќе ги загрозат економските интереси на Велика Британија, Франција, Германија, Австро-Унгарија и на Италија, поради што споменатите држави ќе бидат принудени да интервенираат во полза на Македонците. Како организатор и извршител на Солунските атентати се пројавува револуционерната група Гемиџии, која е независен субјект во македонското револуционерно движење. Нејзините членови одржувале контакти со Македонската револуционерна организација (МРО), особено со Гоце Делчев, како и со Борис Сарафов, кој ги помагал финансиски. Солунските атентати не биле одобрени од раководителите на МРО, а Даме Груев се обидувал да ги убеди младите македонски анархисти да ги координираат своите напади со претстојните востанички дејства во Македонија. Атентатите започнале на 28 април 1903 година околу пладне во близината на солунското пристаниште кога Павел Шатев го потопува со динамит францускиот брод „Гвадалкивир“, а завршуваат на 1 мај 1903 година кога Цветко Трајков се обидел да го убие солунскиот валија Хасан Фехми-паша. Во борбите со османлиската војската и полицијата се убиени шестмина од гемиџиите: Орце Поп Јорданов, Константин Кирков, Димитар Мечев, Илија Трчков, Владимир Пингов и Цветко Трајков. Уапсени се четворица: Павел Шатев, Марко Бошнаков, Милан Арсов и Георги Богданов. Тие прво се осудени на смрт, но подоцна пресудата им е заменета со затвор во Фезан (Либија).

Револуционери што веќе се простиле од својот живот

Според една верзија, се верува дека кружокот го добил името Гемиџии затоа што нејзините членови сакале на симболичен начин да кажат дека тие биле луѓе што веќе се простиле од животот и го пуштиле својот чун (гемија) во бурното море со што или ќе успеат да го извадат на брегот или ќе го разбијат од карпите, односно нема да успеат. Основното јадро на групата се состоело претежно од младинци од Велес, ученици во Солунската гимназија. Групата била основана во 1899 година од Јордан Поп Јорданов, Константин Кирков, Димитар Мечев, Тодор Органџиев, Илија Трчков, Владимир Пингов и др. Подоцна кон нив се приклучиле Павел Шатев и Марко Бошнаков. Гемиџиите се стремеле да извршат редица атентати врз железничките линии, турските достоинственици и европските банковни институции. Преку овие терористички акции се надевале да предизвикаат интервенција на големите европски сили и автономија за Македонија.
Во 1899 година била одржана средба помеѓу Слави Мерџанов, Јордан Поп Јорданов и Константин Кирков, на која бил изработен план за дејствување, односно извршување редица атентати во големите градови во европска Турција. Поткрепена финансиски од Борис Сарафов, групата на Мерџанов, Соколов, Манџуков и на Шатев започнала со прокопување канал под Отоманската банка во Цариград, а гемиџиите под раководство на Орце започнале со прокопување канал во Солун. Поради недостиг од финансиски средства, двете групи ја прекинале својата дејност. Орце заминал за Женева и Париз. Остварил средба со Сарафов, кој целосно ја прифатил тезата на гемиџиите и обезбедил финансиски средства. Во почетокот на 1902 година, Орце ја напуштил Женева и преку Софија пристигнал во Солун.
За гемиџиите, Христо Силјанов (македонски револуционер и историчар) ја дава следнава констатација: „Навистина има голема доза на наивност и несвесна противречност во верувањето кое ги насочуваше бомбите на гемиџиите главно, против европејците. Очекуваа слобода од интервенцијата на Европа, знаеја, значи дека револуционерна Македонија нема сила сама да се пресмета со турската империја, па сепак, веруваа дека европската интервенција ќе се предизвика побрзо и полесно преку теророт против истите европејци – преку борба која по својата суштина буди кај Европјанинот непобедлива одвратност и која, таксана како анархистичка, овозможува најпакосна експлоатација против македонските борци од страна на непријателите“.

Атентатите

Во пролетта 1902 година, гемиџиите успеале да обезбедат 300 кг динамит и го довршиле каналот до Отоманската банка во Солун. Иако тие планирале што побргу да ги извршат нападите, Даме Груев им сугерирал да почекаат и да ја синхронизираат нивната акција со претстојното востание. За разлика од Груев, Борис Сарафов им дал морална и материјална поддршка на гемиџиите. Групата решава атентатите да започнат на 28 април 1903 година. Планот составен на последното советување одржано надвор од градот бил следен: да се потопи францускиот брод, да се минира пругата во близината на солунската станица, да се запали резервоарот за газија од кој се осветлувал градот; да се дигне во воздух Отоманската банка, да биде запален „Бошнак-ан“ и да почнат улични борби со бомби и револвери. Прекинувањето на осветлувањето и фрлањето на градот во темнина требало да биде знак за почетокот на акцијата.
Секој точно знаел каква била неговата задача во определеното време за акција. Во врска со прашањето дали атентаторите треба да загинат при акциите дошло до различни мислења. Поп Јорданов, Кирков и Мечев го застапуваат ставот дека атентаторите треба да го положат својот живот, додека Шатев, Арсов и Бошнаков не се согласуваат со тоа. На крајот е одлучено секој сам да си го направи изборот.
На 28 април околу пладне, во близината на солунското пристаниште, Павел Шатев го потопува со динамит францускиот брод „Гвадалкивир“. Оваа акција излегла двојно успешна, бидејќи бродот бил запален, а патниците сите до еден спасени. Истата вечер Димитар Мечев, Илија Трчков и Милан Арсов поставуваат динамит на железничката пруга Истанбул – Солун и го онеспособуваат возот. И при оваа акција нема жртви, но е предизвикан хаос во железничкиот сообраќај.
На 29 април вечерта, околу 8 часот, Константин Кирков поставува 2 кг динамит на цевките со гас за осветлување и на водоводните цевки на Солун. Целиот град е во темница и без вода. Во целиот град владеат паника, хаос и страв. Десетина минути по изгаснувањето на осветлувањето, врз Отоманската банка се фрлени две бомби, по што Јордан Поп Јорданов-Орцето го активира експлозивот, кој уништува поголем дел од зградата на банката. Во истото време на повеќе локации во Солун гемиџиите фрлаат бомби: Милан Арсов фрла бомба во летниот театар „Алхамбра“, Илија Трчков фрла две бомби на главната улица, Димитар Мечев фрла две бомби пред хотелот „Египет“, Константин Кирков фрла бомба пред „Гранд хотел“, а Георги Богданов пред кафеаната „Ноја“. Владимир Пингов предизвикува пожар кај „Бошњак-ан“, а потоа фрла бомба пред вратата на Топхането (турската државна управа), каде што е застрелан од војници.
По овие акции, Мечев и Трчков се вратиле во својот стан и од таму почнале да фрлаат бомби врз турската војска. Откако фрлиле 50-60 бомби се самоубиле за да не бидат фатени од турските власти. На 30 април, во борба со турската војска и полиција загинува и Jордан Поп Jорданов. На 1 мај се извршуваат две неуспешни акции. Кирков прави обид да ја крене во воздух солунската телеграфско-поштенска станица, но е убиен од стражарот, а Цветко Трајков прави обид да го убие солунскиот валија Хасан Фехми-паша. Откако не успева, атентаторот се самоубива активирајќи бомба. Д.Ст.


Јордан Поп Јорданов-Орцето

Роден е во Велес, како помлад брат на македонскиот револуционер Миле Поп Јорданов. Се школува во родниот град и Солунската бугарска машка гимназија. Како шестокласник го прекинува образованието и заминува во Софија од каде што се префрла во Солун. Тој е еден од поистакнатите членови на Гемиџиите, а подоцна и негов водач. Претходно, среќавајќи се со Слави Мерџанов во Цариград (1899), ја прифаќа неговата идеја за минирање на Отоманската банка во Солун и настојува да ја реализира. На 29 април 1903 тој ќе го активира динамитот во прокопаниот тунел и ќе ја крене во воздух Отоманската банка. Потоа фрла бомби пред хотелот „Салоник“. Загинува херојски на 30 април 1903 во куќата во која живеел, фрлајќи ги последните бомби врз турските војници, кои го држеле под опсада.
Орцето бил голем идеалист. Тој и со својата смрт сакал да биде корисен за револуционерното дело и својата татковина Македонија. Непосредно пред Солунските атентати се осигурил во друштвото „Њујорк“ на 10.000 франци, и тоа на името Симеон Радев. Орцето го замолил Симеон Радев осигураните 10.000 франци по неговата смрт да му ги предаде на Борис Сарафов затоа што тој им дал 10.000 франци на гемиџиите и ги помагал на разни начини. Во писмото до Радев, тој истакнал: „Пред неколку месеци се осигурав на 10.000 франци, која сума по мојата смрт ќе ти биде исплатена. Сакам и со мојата смрт да бидам во полза на делото, за кое живеев, работев и ќе умрам – делото за ослободување на нашата скапа и сакана Македонија“.