Во пресрет на еден од најголемите христијански празници, Велигден, во организација на Заедницата на Хрватите во Македонија – огранок Скопје, по иницијатива на Ненад Немет, претседател на огранокот, и Антоанета Шмит, најактивниот член на заедницата, се одржа детска работилница за украсување и изработка на велигденски јајца.

– Украсувањето на велигденските јајца е стар хрватски обичај, а пренесувањето на хрватските традиции на најмладите генерации е задача на нас постарите. Бидејќи хрватскиот дух, односно припадноста на хрватската нација може да се всади кај децата, не само преку часовите по хрватски јазик и учењето на хрватскиот јазик туку и преку старите хрватски обичаи. Од друга страна, се сеќаваме кога нашите мајки и баби бојадисуваа јајца, дека со радост чекавме да ни дозволат да ги украсуваме – велат организаторите на настанот.

На лицата на децата беше видлива радоста со која ги изработуваа велигденските јајца и честитки, а во дружењето се вклучија и возрасните.

– Просториите на Заедницата на Хрватите се претворија во креативна мала работилница каде што цело време преовладуваа празничниот дух и чувството на претстојниот Велигден. Покрај бојадисувањето на јајцата, децата сечеа со ножици, користеа лепак, се создаде навистина работна и креативна атмосфера. Резултат на сето тоа беа прекрасните велигденски јајца, секако повеќето со мотивот „Љепе наше“. Иако не се вклучени во категоријата вистински јајца, не смееме да ги заборавиме ни прекрасните хартиени јајца, кои за оваа пригода ги изработија нашите вредни членови, сестрите Снежана и Виолета Зајкова, а кои ќе бидат еден вид уметност што ќе ги краси нашиот простории – рекоа од Заедницата на Хрватите во Македонија.

За организацијата на настанот особено е заслужен пријателот на заедницата, советник во Амбасадата на Република Хрватска во Македонија, Никола Бајиќ, кој со своето присуство го збогати овој несекојдневен настан и со тоа потврди дека амбасадата секогаш стои покрај Хрватите во Македонија и поддржува вакви креативни иницијативи.