Општините повеќе планираат, а помалку инвестираат во штедење енергија

Image by Roy Buri from Pixabay

Теарце има три фотоволтаични централи на јавни објекти, исто колку и Крива Паланка, а Струмица само една. За разлика од нив Куманово, Свети Николе, Велес и Маврово и Ростуше, немаат ниедна инвестиција во користење на соларната енергија на општинските згради.

Овие податоци се дел од анализата која ја направи НВО Инфоцентарот, во соработка со локални граѓански организации од седум општини во земјава, Куманово, Струмица, Крива Паланка, Свети Николе, Велес, Теарце и Маврово-Ростуша, за примената на пакетот препораки, мерки и задолженија за заштеда на електрична енергија до 15 отсто во текот на зимата, што во август го усвои Владата и кој е наменет за домаќинствата, бизнис заедницата, јавните институции, како и за општините и Градот Скопје.

Истражувањето покажува дека општините ги сфатиле сериозно препораките на Владата за штедење, а дел од нив и преземале конкретни чекори за намалување на потрошувачката на енергија. Сепак, податоците покажуваат и дека повеќето од мерките се уште им се на хартија и во фаза на планирање.

Според анализата, повеќето од општините веќе инсталирале или се во процес на промена на јавното осветлување со ЛЕД штедливи светилки, а некои користат и смарт системи за ефикасна контрола. Повеќето од локалните самоуправи инвестирале и во енергетски ефикасни фасади и прозорци на јавните објекти, но ретко која има фотоволтаични системи.

„Целта на мониторингот беше да утврдиме дали и какви чекори преземаат општините за примена на препораките на Владата, дали активно работат на постигнување енергетска ефикасност и економски заштеди, како и дали спроведуваат кампањи и други активности за информирање на граѓаните за потребата и начините на штедење електрична енергија“,  информираат од НВО Инфоцентарот.

Истражувањето, кое беше спроведено од септември до ноември годинава, покажува дека речиси сите испитани општини немаат Стратегии за енергетска ефикасност, освен Струмица, која има ваков документ со важење до 2023 година. Исто така само една од седумте општини, Маврово и Ростуше, има спроведено кампања за едукација на своите граѓани за мерките и начините за штедење во услови на светска енергетска криза.

Еден од фактите што изненадува во анализата на инвестициите во енергетска ефикасност е чекорот напред на општината Теарце во поставување на фотоволтаични системи со моќност од по 15 киловати на крововите на општинската зграда и на две училишта, за разлика од некои побогати и поурбани општини. И Крива Паланка има три фотоволтаични системи на училишни згради, а подготвила и документација за уште пет кои ќе се монтираат на јавни објекти. Струмица има едно училиште со фотоволтаични панели со моќност од 19 киловати, кое не е поврзано со системот на ЕВН.

Куманово, Свети Николе, Велес и Маврово и Ростуше немаат ниту една инвестиција во фотоволтаични системи на објекти во надлежност на локалната самоуправа. Куманово планира да инвестира околу 200.000 евра за поставување на панели на три средни училишта, Свети Николе има проект за изградба на соларно поле со моќност од 4,7 мегавати, а Велес планира во иднона да стави панели на општинската зграда и на училиштата.

Во Теарце јавното осветлување е со штедливи светилки, исто како и во Крива Паланка, каде светилките ги контролираат со тајмери. И Свети Николе штеди струја со паметен систем за контрола, но нема насекаде штедливи светилки, исто како и во Куманово, Велес, Маврово и Струмица.

Во Крива Паланка сите училишта, градинки и јавни објекти имаат ПВЦ прозорци, а енергетски фасади имаат две градинки и едно училиште, но не и објектите на јавната администрација, а во Куманово пет училишта имаат добиено енергетско ефикасни фасади. Струмица инвестирала во замена на прозорците кај сите градинки и училишта, но само две од вкупно 30 вакви објекти имаат енергетски ефикасна фасада. Во Свети Николе нема енергетски ефикасни фасади, а само училиштата имаат нови прозорци.

Теарце, Крива Паланка, Свети Николе, Велес и Куманово немаат Стратегија за енергетска ефикасност, ниту пак работат на кампањи со населението. И Струмица не работи на едукација на граѓаните за потребата и начините за штедење, но оваа општина, за разлика од другите има Стратегија, додека, пак, во Маврово и Ростуше организирале средби со месните заедници, бизнисите и граѓаните и им укажале колку е важно да се штеди енергија.