На 26 април започнува второто издание на Стартап Викенд Охрид

Станува збор за глобален настан, хакатон кој има за цел да ги поттикне младите професионалци, фриленсери и стартап ентузијасти, на едно место да оформат тим со кој ќе развијат бизнис идеја од концепт до прототип, и тоа за 54 часа, односно за еден викенд

фото: Стартап Викен Охрид

Од 26 до 28 април ќе се одржи второто издание на Стартап Викенд Охрид, во просториите на универзитетот „Св. Апостол Павле“.

Станува збор за глобален настан, хакатон кој има за цел да ги поттикне младите професионалци, фриленсери и стартап ентузијасти, на едно место да оформат тим со кој ќе развијат бизнис идеја од концепт до прототип, и тоа за 54 часа, односно за еден викенд.

Тимовите ќе ги доразвијат своите идеи со поддршка на над 20 ментори – основачи на стартапи и домашни и странски експерти, додека концептите ќе ги претстават пред жири од истакнати ИТ професионалци, бизнисмени и инвеститори.

„Овој настан е наменет за сите млади ентузијасти кои имаат бизнис идеја или проект, но им е потребен тим, ресурси или менторска поддршка за реализирање на истиот. Покрај ентузијастите со идеја, настанот е отворен и за сите оние без конкретна идеја и тим. Тие би формирале свои тимови меѓу себе и би учествувале на настанот исто како и останатите однапред пријавени тимови“, велат од Стартап Викенд Охрид.

Целта на настанот е да се даде можност за вмрежување на новата генерација на професионалци, претприемачи, иноватори и стартап ентузијасти, како и шанса за развој и лансирање на стартап во Македонија и странство.

„Дел од менторите на овој хакатон се претставници на стартап сцената во нашиот екосистем: Cognism, Aqtos, FitKit, FinqUp, Boksy, Microtica, Modeliks, Embed Social, Slice, Vidict и други. Покрај претставниците на стартап сцената, учество ќе земат и претставници од: Eurolink, Piksel, Brainster, Qinshift, RedBull, Sefidanis, Impact foundation, JW Player, NEST Group, Google for startups и други“, велат организаторите на настанот – Стартап Македонија, Стартап Викенд Охрид, Универзитетот „Св. Апостол Павле“ и Стартап заедницата од Охрид.

фото: Стартап Викен Охрид

На првиот Стартап Викенд Охрид кој се одржа во 2022 година, учество зедоа 60 учесници, 40 ментори и над 20 поддржувачи. Учесниците креираа 10 стартап решенија, а првото место го освои стартапот „Advices.mk“ на Димитар Чуковски, Ања Поповиќ и Јован Иловски. Станува збор за платформа прилагодена за адвокатите и за граѓаните, што овозможува лесен пристап до правни услуги, особено за оние кои живеат во оддалечените рурални области.

Билетите за учество на настанот може да се набават на овој линк, додека повеќе информации може да се најдат на Фејсбук и Инстаграм страниците на Стартап Викенд Охрид.