Над 5.400 граѓани и фирми лани жртви на измамнички трансакции во Македонија

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Точно 4.880 физички лица и 527 правни лица корисници на платежни картички од домашни даватели на платежни услуги лани биле жртви на измамнички иницирани платежни трансакции, од кои најголем дел поврзани со трансакции на места за онлајн продажба, покажуваат најновите податоци на Народната банка. Станува збор за трансакции со вкупна вредност од 12,8 милиони денари (208.000 евра) преку картички на физички лица и со вредност од 3,2 милиони денари (52.000 евра) преку картички на правни лица, пишува Блумберг Адриа.

Статистиката на Народната банка ги вклучува бројот и вредноста на измамнички иницираните платежни трансакции пратени од немонетарни финансиски институции преку давателите на платежните услуги во државата. Поделбата на податоците за измамнички иницираните платежни трансакции е направена според платежните услуги на: кредитни трансфери, директни задолжувања, платежни трансакции засновани на картичка (со исклучок на картичките со функција на електронски пари), платежни трансакции со електронски пари, парични дознаки и други платежни услуги.

Податоците на НБМ покажуваат дека во бројот и вредноста на измамничките иницирани платежни трансакции доминираат примерите евидентирани кај платежните картички издадени од домашни даватели на платежни услуги, додека кај другите инструменти односно платежни услуги се занемарливи.

Измамнички иницирани платежни трансакции се неовластени платежни трансакции, вклучувајќи ги и оние што произлегуваат од губење, кражба или злоупотреба на чувствителни податоци за плаќање или платен инструмент, без разлика дали плаќачот можел да ги открие пред плаќањето или не и дали тоа било предизвикано од крајно невнимание на плаќачот или било извршено без согласност на плаќачот („неовластени платежни трансакции“) и платежните трансакции што се извршени како резултат на манипулирање со плаќачот од страна на измамник да иницира платен налог или да му даде инструкција на давател на платежни услуги да го стори тоа, со добра волја, кон платежна сметка за која се верува дека му припаѓа на легитимниот примач („манипулација направена на плаќачот“).