Македонија
26. January 2023 - 16:33

Ахмети ги враќа темите од конфликтот во 2001ва, опозицијата го прашува како заработил милиони

Ахмети се наврати на конфликтот од 2001 за да го потсети членството за како што вели победата која ја издвоиле како УЧК. 

На средба во Шипковица тој им пренесе на партиските членови, со каква порака ја охрабрил украинската делегација со која разговарал. Ахмети се пофали дека им дал совет Украинците никогаш да не се предаваат, како што не се предала УЧК во 2001 година во војната во Македонија. 

– Војната Русија-Украина и натаму претставува жешка зона. Се сретнав со една делегација од Украина и им реков: ‘Вие ќе ја добиете оваа војна. Бидете силни и не предавајте се никогаш, така победивме и ние, бидејќи ние не се предадовме никогаш!

Од Владата не добивме коментар за ваквите изјави на коалициониот партнер Ахмети. Ниту од владејачката партија немаат став за овие националистички изјави со кои Ахмети прави споредби на УКРАИНА И УЧК. 

Лидерот на ВМРО ДПМНЕ смета дека Ахмети требало да им каже на своите и колку милиони заработиле по 2001та, а истото прашање би требало да му го постават и од украинската делегација при следната средба. 

Во услови на криза во ДУИ, за глас повеќе Ахмети се враќа на националната реторика, сметаат од Движењето БЕСА. 

Фатмир Лимани потпретседателот нa Беса, преку видео го прикажува имотот на лидерот на ДУИ и прашува на чие име и со чии пари се купени сите куќи, објекти и парцели. Каде се исчезнати четири милиони евра од фондот на ОНА, кои според него не биле потрошени во конфликтот од 2001 година.

Али Ахмети на почетокот од декември, примил украинска делегација составена од функционери и јавни личности. И тогаш од ДУИ соопштија дека лидерот Ахмети им порачал дека тој секогаш ќе ги поддржува народите кои се борат за својата слобода, охрабрувајќи ги дека украинскиот народ ќе победи исто како што и тие што ја освоиле својата слобода во 2001та.