Македонија во пеколна група на СП 2023

109

Избраниците на селекторот Кирил Лазаров на Мундијалот во Полска и Шведска наредната година ќе играат во групата Ф со селекциите на Норвешка, Холандија и Аргентина

Македонската ракометна репрезентација ги доби противниците во групата за Светското првенство, кое наредната година ќе се одржи во Полска и Шведска. Ждрепката посака избраниците на Кирил Лазаров да се најдат во групата Ф, која се игра во градот Краков, а како ривали ги има Норвешка и Холандија од Европа, како и Аргентина од Јужна Америка.

Групата воопшто не е за потценување, а по добивањето на противниците истото го потврди и најдонриот македонски ракометар и селектор на „црвено – жолтите“ , Кирил Лазаров.

-Многу интересна и тешка група за нас. Не можам да бидам објективен, затоа што нашата репрезентација за првпат ќе настапи без ракометари од калибарот на Миркуловски, Стоилов, а и јас нема да играм на овој шампионат. Ме загрижува и неиграњето на Вардар во Лигата на шампионите, затоа што некои од нашите репрезентативци остануваат без потребните силни натпревари во текот на сезоната и пред почетокот на Светското првенство, вели Лазаров.

Трите најдобри репрезентации од групата ќе се пласираат во главната групна фаза. каде што ќе вкрстат со три селекции од групата Е, во која се Германија, Катар, Србија и петтопласираната селекција од Африканскиот шампионат кој се игра месецов.

Турнирот вторпат во историјата ќе се одржи со 32 репрезентации учеснички. Градови домаќини ќе бидат Краков, Гдањск, Плок и Катовице во Полска, односно Малме, Стокхолм, Гетеборг и Јончепинг во Шведска. Титулата од пред две години ќе ја брани репрезентацијата на Данска.

Македонија го отвора СП против репрезентацијата на Норвешка. Мечот е закажан на 13 јануари наредната година. Сите дуели на „црвено-жолтите“ на овој Мундијал ќе се играат во вечерен термин од 20:30 часот.

ГРУПА А (Краков): Шпанија, Црна Гора, Чиле, Иран;

ГРУПА Б (Катовице): Франција, Полска, Саудиска Арабија, Словенија;

ГРУПА Ц (Гетеборг): Шведска, Бразил, Африка 2, Уругвај;

ГРУПА Д (Јончепинг): Исланд, Португалија, Унгарија, Кореја;

ГРУПА Е (Катовице): Германија, Катар, Србија, Африка;

ГРУПА Ф (Краков): Норвешка, Македонија, Аргентина, Холандија;

ГРУПА Г (Кристијанштад): Африка 1, Хрватска, Африка 3, САД;

ГРУПА Х (Малме): Данска, Белгија, Бахреин, Африка 4;