1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

10.000 артилериски гранати од Бундесверот за Украина

Ана Савчук | Никита Жолквер
29 март 2024

Германија и` предава артилериска муниција на Украина во рамките на долгорочниот план во три фази, вели генералот на Бундесверот, Кристијан Фројдинг за ДВ. Тој најавува и натамошна обука на украински војници во Германија.

https://p.dw.com/p/4eFWY
Бахмут Украина војна
Артилериски гранати во склад за оружје во околината на БахмутФотографија: Narciso Contreras/AA/picture alliance

Бундесверот во наредните денови на Украина ќе и` предаде 10.000 артилериски гранати од сопствените залихи, изјави за Дојче веле генерал-мајорот Кристијан Фројдинг. Тоа е дел од трифазниот план за испорака на муниција, истакнува Фројдинг, кој од почетокот на агресорската војна на Русија против Украина е на чело на  специјалниот штаб во Бундесверот  за Украина.

Испорака на муниција во три етапи

Според неговите зборови, украинските потреби за артилериска муниција ќе бидат задоволени во три етапи. По првата, итна фаза, среднорочно ќе биде поддржана чешката иницијатива за  набавка на муниција.

„Ќе преземеме повеќе од 180.000 парчиња муниција, за кои е планирано да бидат испорачани од почетокот на летото до крајот на годинава“, изјави генералот.

А на подолги патеки, Германија покрај чешката иницијатива склопи и билатерален договор кој предвидува испорака на уште 100.000 артилериски гранати од четвртиот квартал годинава. Кристијан Фројдинг не сака подетално да објаснува со која земја е склучен договорот за испорака.

Чешка организира купување до 800.000 парчиња артилериска муниција за Украина во иницијатива која започна на крајот на февруари. Оттогаш на кампањата и` се придружија 20  земји од ЕУ  и НАТО, вклучувајќи ги и Германија, Франција, Данска, Холандија и Канада.

Според Фројдинг, моментално  Украина најитно има потреба од  „артилериска муниција, друга  муниција и наведувачки ракети  за современите системи на противвоздушна одбрана и оклопни борбени возила.“

Генерал-мајорот Кристијан Фројдинг Бундесвер
Генерал-мајорот Кристијан Фројдинг е изненаден од способноста на украинските војници за кратко време да ракуваат со модерни оружени системиФотографија: Nikita Jolkver/DW

Обука на украински војници во Германија

Во интервјуто за Дојче веле, Фројдинг зборуваше и за обуката на украински војници во Германија. Минатата година на германските воени полигони се обучени 10.000 припадници на оружените сили на Украина, а уште 3.000 до 4.000 во првите месеци од 2024 година.

Германското Министерство за одбрана е спремно во оваа година да понуди таква прилика за уште поголем број војници од Украина.

„Фокусот е секогаш на обука на оружени системи кои им ги испорачуваме на украинските оружени сили, како и тактичка обука, обука на оператори, на техничари за одржување и поправка на оружените системи“, вели Фројдинг.

Колегите во Германија притоа се изненадени од способноста на украинските војници да учат, како и од брзината со која се „навикнуваат на целосно нови системи на вооружување“. Кога пролетта 2022 година прв пат дошле во Германија на обука за самоодната хаубица ПцХ 2000, за тоа биле планирани неколку месеци, но обуката била апсолвирана многу побрзо од првобитно очекуваното.