Свет
Продолжуваат преговорите за прекин на огнот: Делегација на Хамас наскоро во Египет
Делегација на палестинското движење Хамас наскоро ќе го посети Египет за понатамошни преговори за прекин на огнот со Израел, се вели во денешното соопштение на милитантната група.
Во соопштението се додава дека лидерот на Хамас, Исмаил Ханије го потврдил „позитивниот дух на групата во проучувањето на предлогот за прекин на огнот“ во телефонски разговор со шефот на египетската разузнавачка служба Абас Камел, пренесе Ројтерс.
Хамас во саботата соопшти дека ја добил најновата позиција на Израел и дека ќе ја проучи пред да одговори на неа. „Ал Кахера њуз“, кој е поврзан со египетската држава, пренесе изјава од неименуван висок египетски функционер кој рече дека делегација на Хамас ќе пристигне во Каиро во следните два дена.
Договорот предвидува 500 камиони, вклучително и 50 камиони со гориво, да влегуваат во Појасот Газа секој ден со залихи кои треба да донесат обновување на енклавата. Израел ќе го прекине воздушниот надзор на Појасот Газа за осум часа секој ден и за 10 часа во деновите кога ќе бидат ослободени заложниците.
Хамас во првата фаза ќе ослободи најмалку 33 затвореници – цивили и војници, деца до 19 години, постари, болни и ранети. За секоја ослободена жена и дете, Израел би ослободил 20 малолетници и палестински затвореници.
За секој ослободен постар, болен и повреден заложник, Израел би ослободил 20 затвореници на возраст над 50 години, кои исто така се болни и повредени и кои не отслужуваат казна подолга од 10 години.
За секоја ослободена жена војник, Израел би ослободил 20 затвореници кои отслужуваат доживотна затворска казна и уште 20 кои отслужуваат до 10 години затвор, кои можат да бидат ослободени во Газа или во странство. Хамас ќе поднесе листа на затвореници што сака да бидат ослободени, со најмногу 20 имиња, додека Израел ќе го задржи правото на вето на имињата што ги дава Хамас.
Од 16-тиот ден од примирјето, страните ќе започнат индиректни преговори за аранжман за враќање на одржливиот мир во Газа, се наведува во извештајот.
Втората фаза од договорот, која би траела 42 дена, би вклучувала комплетирање на договорите за одржлив мир. Во таа фаза, преостанатите израелски машки цивили и војници ќе бидат ослободени, во замена за одреден број палестински затвореници и целосно повлекување на ИДФ од Газа, пренесува медиумот.
Третата фаза, која би траела 42 дена, би вклучувала размена на тела од двете страни и имплементација на петгодишен план за рехабилитација на Газа, вклучувајќи и одредба дека Хамас не смее да ја обнови својата воена инфраструктура.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Американската војска изгради пристаниште за помош на Газа: „Ниту еден војник не стапна на копно“
Првите камиони со хуманитарна помош што користат привремено пристаниште изградено од САД во Појасот Газа пристигнаа во палестинската енклава, соопшти денеска американската војска.
За време на операцијата ниеден член на војската не стапнал на брегот, објави Централната команда на САД (CENTCOM) на платформата „Икс“.
Today at approximately 9 a.m. (Gaza time), trucks carrying humanitarian assistance began moving ashore via a temporary pier in Gaza. No U.S. troops went ashore in Gaza. This is an ongoing, multinational effort to deliver additional aid to Palestinian civilians in Gaza via a… pic.twitter.com/Gdt9Scgq2y
— U.S. Central Command (@CENTCOM) May 17, 2024
„Ова е тековна мултинационална иницијатива за испраќање дополнителна помош за палестинските цивили во Газа преку поморски коридор, кој е целосно од хуманитарна природа и ќе вклучува помош донирана од голем број земји и хуманитарни организации“, се вели во соопштението.
Привременото пристаниште треба да служи како центар за испорака на помош бидејќи самата Газа нема пристаниште доволно длабоко за поголеми товарни бродови. Пентагон претходно објави дека првично 90-ина возила дневно ќе пристигнуваат во Газа преку пловечкото пристаниште.
Подоцна тоа ќе се зголеми на 150 возила дневно.
Недостигот од основни потреби доведе до хуманитарна криза во Појасот Газа по седум месеци војна меѓу Израел и Хамас.
Свет
Зеленски: Руските сили напредуваа во регионот Харков, но ситуацијата е стабилизирана
Руските сили напредуваа 10 километри во една област во регионот Харков, но ситуацијата денеска се стабилизира, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски, пренесува РБЦ-Украина.
„Денес нашите одбранбени сили ги стабилизираа Русите таму каде што се. Најдлабоката точка на нивното напредување е 10 километри“, изјави Зеленски, пренесе Ројтерс.
Тој посочи дека главната причина што им овозможила на Русите да ја преминат границата во правец на Харков е поврзана со немањето систем за противвоздушна одбрана, што настанало поради долгото чекање за помош од партнерите, објави Unian.net. Според претседателот на Украина, во некои области Русите воопшто не можеле да напредуваат. Зеленски изјави дека во регионот Харков се изградени три одбранбени линии, а Русите сè уште не се приближиле до најкомплексната од нив, запирајќи само на првата.
„Никој не стигна до конкретна линија на одбрана, глупост е тоа што го кажуваат, рече Зеленски.
Тој изјави дека првата и втората линија биле изградени од армијата под постојан оган, додека третата линија била изградена од локалните власти.
„Таа е најмоќна не затоа што е подобра од армијата, туку едноставно затоа што е подалеку од оружје, од гранати, од гранатирање“, додаде претседателот на Украина.
Свет
Блинкен: Можна средба меѓу Зеленски и Бајден во наредните недели
Украинскиот претседател Володимир Зеленски би можел во наредните недели да се сретне со американскиот претседател Џозеф Бајден за време на потпишувањето на билатералниот безбедносен договор, изјави вчера во Киев американскиот државен секретар, Ентони Блинкен.
За време на заедничкиот прес-брифинг со украинскиот министер за надворешни работи, Дмитро Кулеба, Блинкен рече дека условите од билатералниот договор се речиси одобрени.
Кулеба додаде дека е воспоставен дијалог на доверба меѓу Зеленски и Бајден, пренесува „Киев индипендент“. Украинскиот министер за надворешни работи изрази надеж дека двајцата лидери ќе имаат можност да разговараат за неопходните прашања и да потпишат договор, но не откри можен датум за средбата меѓу двајцата претседатели.
Членовите на групата седум (Г7) го претставија својот план за долгорочни безбедносни обврски за Украина на самитот на НАТО во Вилнус на почетокот на јули минатата година.
Повеќе од 30 земји досега се приклучија на заедничката декларација на Г7 за поддршка на Украина, а Велика Британија, Германија, Франција, Данска, Италија, Канада, Холандија, Финска и Летонија веќе потпишаа билатерални договори со официјален Киев.
Според овој договор, одредени земји би му дале билатерална поддршка на Киев во конфликтот со Русија и секоја идна агресија.
Безбедносните гаранции би имплицирале експлицитни и долгорочни обврски, како и зајакнување на способноста на Украина да се спротивстави на руската агресија.
Гаранциите ќе ги опфатат и санкциите, финансиската помош и повоената реконструкција.