(ФОТО) Зимата покажа „заби“ – Паднати дрвја, ЕВН работеше на дефектите во непристапни места…

0
91

Снегот кој ја зафати Македонија од вчера направи многу проблеми. Електродистрибуција на Македонија информира за интервенциите и состојбата на терен во изминатото деноноќие, во кое обилните врнежи од снег предизвикаа голем број дефекти.

„Екипите на ЕВН од цела Македонија ја поминаа ноќта на терен санирајќи дефекти во многу лоши теренски и временски услови. Тие се уште работат на отстранување на вчерашните и ново настанатите дефекти од утринава. Оваа кризна состојба налага соодветна реакција од нашата компанија и затоа во вакви услови се користат апсолутно сите мобилни екипи на располагање. ЕВН воедно вложува енормни напори да се отстранат и дефектите кои се појавија во непристапни места, каде што екипите на Електродистрибуција физички не може да стигнат поради лошите теренски услови“, соопштуваат од ЕВН.

Од снегот има многу паднати дрва. Вакви фотографии до нашата редакција испратија и Жителите од Ул.Мирче Ацев од Охрид.

Инаку според најавата утре ќе биде сончево и многу студено, во западните делови со мала до умерена облачност.

Кон крајот на денот облачноста ќе се зголеми насекаде, а во текот на ноќта во северозападните делови ќе има врнежи од снег. Ќе дува слаб ветер, претпладне од северен, а попладне претежно од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -15 до -5, а максималната ќе достигне од -1 до 7 степени.

Во вторник и во среда претпладне се очекува нов влажен бран, на планините и на некои повисоки места со врнежи од снег, а на пониските места со врнежи од дожд. Пообилни врнежи се очекуваат во западните делови (над 25 l/m2), а на планините на северозапад снежната покривка значително ќе се зголеми. Во вторник ќе дува засилен јужен ветер. Кон крајот на неделата дневната температура ќе се зголеми.