МАКЕДОНИЈА

„Полиграф“: Кој дезинформира дека Владата се согласила дека во Македонија не живеат и никогаш не живееле Македонци?

Дел од медиумите продолжуваат со објавување на ставови кои содржат невистини и дезинформации за пристапните преговори за членство во ЕУ.

На пример, на 4 април 2024, неделникот „Македонско ехо“ објави интервју со академикот и доскорешен претседател на МАНУ Љупчо Коцарев, во кое тој заклучува дека „Владата, за да започнат пристапните преговори со ЕУ, веќе се согласила дека во Македонија не живеат и никогаш не живееле Македонци“. За ова тврдење, Коцарев ги зема предвид договорите со Грција и Бугарија, и преговарачката рамка како „официјален документ на ЕУ“.

Но, во договорот со Грција никаде не стои „дека во Македонија не живеат и никогаш не живееле Македонци.“ Напротив, во чл.7 од Преспанскиот договор стои дека термините „Македонија“ и „македонски“ означуваат не само територија, туку и „јазик, народ и нивните одлики, со нивната сопствена историја, култура, и наследство…“.

И во договорот со Бугарија се спомнуваат „народите на Република Македонија и Република Бугарија“, а е потпишан и на македонски јазик.

Ни во преговарачката рамка со ЕУ, каде што експлицитно се спомнува македонски јазик, а ниту во заклучоците на Советот на ЕУ, никаде не стои „дека во Македонија не живеат и никогаш не живееле Македонци“. Во овие заклучоци се споменуваат уставните измени за „вклучување во Уставот на граѓаните кои живеат во границите на државата и кои се дел од други народи, како Бугарите“. Но, никаде не се споменува исклучување на „македонскиот народ, дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите“, кои остануваат во Преамбулата на Уставот.

Инаку, во врска со договорите со соседите и преговорите со ЕУ, Коцарев и претходно изнесуваше невистинити тврдења дека „македонскиот народ целосно исчезна од меѓународната сцена“, дека „Македонците се на работ на истребување“ и „Македонците веќе уште денес ги нема!“, коишто беа побиени во претходни анализи на Полиграф.

Оттука, и тврдењето на академик Коцарев дека Владата „веќе се согласила дека во Македонија не живеат и никогаш не живееле Македонци“ може да се оцени како дезинформација, која предизвикува неоправдан страв и загрозеност кај етничките Македонци.

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button