Македонија
Дали Гораните ќе имаат право да се изјаснат како Македонци на пописот во Косово?
Косово последен пат собра податоци за населението во 2011 година, кога теренската работа ја работеа општините, а не Агенцијата за статистика. Општините со мнозинско српско население Северна Митровица, Звечан, Зубин Поток и Лепосавиќ на север го бојкотираа пописот, како и општините Грачаница и Штрпце на југ неколку дена подоцна.

Немаше извештаи за изречени казни против косовските Срби што бојкотираа во тоа време, и покрај законот од 2010 година, кој исто така предвидуваше казни за одбивање.
Околу 2.700 собирачи на попис се вклучени во процесот, заедно со околу 700 надзорници и околу 300 општински вработени. Пописот ќе трае до 17 мај.
Властите во Приштина ги поканија сите жители на Косово, вклучувајќи ги и Србите, да се пријават, но неизвесно е каков ќе биде одговорот во српската заедница, бидејќи нивната недоверба кон властите во Приштина е голема, а особено на цел е косовскиот премиер Албин Курти.
Според последниот попис од 2011 година, на Косово има 1,8 милион жители, од кои 25.000 се Срби. Сепак, според процените на граѓанскиот сектор, на Косово живеат околу 100.000 припадници на српската заедница, објави Радио Слободна Европа (РСЕ).
Една од дилемите е дали Гораните на Косово ќе имаат право да се изјаснат како Македонци. Тие главно беа попишувани како Горани, иако мнозинството зборува на македонски јазик. Тоа население е концентрирано на падините на Шар Планина во областа Гора, во делот на Рестелица-Стрезимир, а во последните десетина години е предмет на бугарската асимилаторска политика.