Поставен првиот „хотел“ за згрижување диви пчели 

308

Во населбата Карпош 3 е поставен првиот „хотел“ за згрижување инсекти опрашувачи, односно диви пчели.  Тој е поставен од претставници на невладината организација „Такт“, во соработка со Општина Карпош.

Од Општина Карпош информираат дека станува збор за иницијатива што се реализира во рамките на проектот „Судеку“ (Одржлива демократска култура), чии носители се НВО „Такт“ и швајцарскиот Универзитет за образование на наставници во Цирих.

– Ваквите домашни пчелни хотели може да придонесат многу за опстанокот на овие корисни инсекти. Имено, овие мали куќарки се изработени од различни природни материјали и стратешки се поставуваат во градини, во паркови и на други локации што се често изложени на сонце. Пчелните хотели, покрај тоа што се функционални и помагаат при заштита на инсектите опрашувачи, служат и како едукативни алатки за учење на пчелна биологија, како и за подигнување на свеста за важноста на осамените пчели – соопштија од Општина Карпош.

Оттаму додаваат дека домашните пчелни хотели можат да се користат во училиштата, во градините во локалната заедница и во природните резервати, притоа вклучувајќи ги луѓето од сите возрасти во нивното создавање и одржување.

– Целта на овие пчелни хотели е да ги поддржат локалните пчелни популации, особено осамените пчели, кои често немаат соодветни места на гнездење во урбаните животни средини. На овој начин, со обезбедување места за нивно гнездење, може значително да се помогне и непосредно да се влијае во подобрувањето на биолошката разновидност и во одржувањето на здравата животна околина – нагласуваат од Општина Карпош.

Вакви куќарки за диви пчели ќе бидат поставени и во Куманово и во Крива Паланка, кои, заедно со Општина Карпош, се дел од проектот „Судеку“. Од невладината „Такт“ откриваат дека постои желба да се постават околу 1.000 пчелни хотели во период од две години.

– На Балканот живеат неколку стотици видови пчели, а на многу од нив им се заканува изумирање, со што се зголемува опасноста од катастрофален колапс на екосистемот на природата. Како главна причина за забрзаното исчезнување на инсектите е наведено интензивното земјоделство, со особено големата употреба на пестициди. Меѓу главните фактори за ваквиот негативен тренд се и урбанизацијата и климатските промени. Доколку не го смениме нашиот начин на производство на храна, инсектите како целина се на добар пат да исчезнат во наредните неколку децении – алармираат експертите.

Според нив, опстојувањето на инсектите е од есенцијално значење за правилно функционирање на сите екосистеми, бидејќи претставуваат храна за другите суштества, а воедно се и главни опрашувачи и рециклирачи на хранливите материи.

(А.П.)