Атланта станува кошмар за Бостон, Адетокумбо не можеше се сам…

Бостон селтикс можеби е тим со најдобар скор во лигата, но „зелените“ дефинитивно имаат проблем кога против себе ја имаат Атланта. Откако пред четири дена загубија меч во кој имаа 30 поени предност против овој ривал, селтикси синоќа повторно беа поразени од „јастребите“ во драматичен дуел што беше решен во продолжение од пет минути (123-122).

Дежонте Мареј го одигра својот најдобар меч во кариерата, извонредниот кошаркар на Атланта ги постигна сите 11 поени за својот тим во продолжението, завршувајќи го мечот со рекордни 44 поени, седума систенции и седум скокови. Мареј воедно беше и стрелец на победничкиот кош за Атланта, на 0,1 секунда до крајот од овој супердраматичен натпревар. Богдан Богдановиќ исто така одигра одличен меч постигнувајќи 24 поени за победничката екипа, додека најефикасни кај Бостон беа Тејтум со 31 и Вајт со 22 поени.

Њу Орлеанс во вториот меч од синоќешниот скратен репертоар во НБА-лигата славеше над Милвоки со 107-100, со што „пеликаните“ се зацврстија на петтото место во Западната конференција. Адетокумбо стигна до дабл-дабл од 35 поени и 14 скокови, додека најдобри поединци во победничкиот тим беа Вилијамсон со 28 и Меколум со 25 поени.

Се вчитува...