Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху синоќа ја нарече „чудна“ одлуката на израелскиот Врховен суд да го задржи директорот на израелската служба за внатрешна безбедност (Шин Бет) Ронен Бар, откако ја разгледа жалбата против неговото разрешување.
„Чудна е одлуката на Врховниот суд да го одложи крајот на неговиот мандат за десет дена“, рече Нетанјаху, одговарајќи на одлуката на Високиот суд дека Ронен Бар може да остане на функцијата додека не се постигне компромисно решение до 20 април.
Владата, една од најдесничарските влади во историјата на Израел, на 20 март најави смена на Бар, за кого Нетанјаху вели дека повеќе не му верува, додека илјадници Израелци демонстрираа во Ерусалим против неговата смена.
Против одлуката на Владата беа поднесени повеќе жалби.
Врховниот суд тогаш набрзина објави „привремена мерка за разрешување“ на Бар, додека жалбите се разгледуваа до вчера. (МИА)