Кампањата финишира, кандидатите ја заоструваат реториката!

Претседателската кампања во Македонија, која досега експертите ја оценуваа како мирна и здодевна, влегува во завршна фаза пред гласањето на 24 април, а деновиве ја нарушија многу меѓусебни обвинувања и саркастични навреди кои си ги упатуваат кандидатите за претседател и партиите...

241

Во финишот на изборната кампања за претседател нa Mакедонија, кандидaтите ја заострија реториката па актуелниот претседател и претендент за уште еден претседaтелски мандат Стево Пендаровски, изјави дека доколку претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, тврди дека тој имал тајни средби, тогаш не би било лошо да приложи доказ, дека такво нешто се случувало, а не само да прераскажува чаршиски муабети.

Пендаровски ова го кажа на митинг во Гази Баба во Скопје откако лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски, го обвини за тајни преговори за амнестија на политичари, и дополни дека најблиски соработници од извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, се тие кои барале прием во неговиот кабинет.

– Тајни средби кај мене немало, меѓутоа, ако приложи доказ во таа смисла, а јас ви тврдам дека такво нешто не постои, јас тогаш можам него да го прашам дали го интересира кој сè барал прием кај мене. Да му кажам датуми, имиња и презимиња. Затоа што станува збор за неговите најблиски соработници од извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, можам да кажам и што барале од мене, во таа насока, рече претседателот Пендаровски.

Пендаровски дополни дека овие избори се историска шанса која не смее да биде пропуштена и повторно вети дека ако биде избран, Македонија ќе ја внесе во ЕУ.

-Со многубројното присуство потврдуваме дека ова не е вмровска општина како што некои мислат, туку е општина на граѓани кои сакаат својата држава Македонија да ја видат што е можно поскоро како дел од развиена и просперитетна Европа, изјави кандидатот за претседател на СДСМ. Нема враќање назад. Со ова присуство, со овој ентузијазам, со масовна мобилизација на 24 април и на 8 мај не очекуваме ништо подолу, ништо помалку, отколку две победи, изјави кандидатот за претседател на СДСМ, Стево Пендаровски, на митингот во Гази Баба.

Кандидатката за председател, која е поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова, рече дека за неа приоритет е процесот на интеграцијата да се конкретизира и дека тоа значи европски стандарди на македонска почва, а не само заложби ЕУ и НАТО, проевропјани, антиевропјани.

-Анализирајте кој е за Европа според однесувањето, а кој е против. Тие ништо европско не прават. Состојбата во која се наоѓаме е далеку од европска, далеку од европските стандарди. Нема владеење на правото, туку има владеење на една мала група луѓе. Власта е концентрирана не само во неколкумина, туку само во Владата, рече Силјановска-Давкова на обраќањето во центарот на Прилеп.

Таа дополни и дека говорот на омраза не доликува на ниту една сериозна партија, нагласувајќи дека тоа не доликува воопшто на социјалдемократска партија.

-Тоа е говор на некоја крајна десница што се служи со патријахалност и парохијалност, а така гледа на жените и на возрасните. За мене возраста значи мудрост, знаење, искуство. Не плашете се за мене, јас сум сосема во ред, и психички, и физички. Орна сум за дебата, ама нема кандидати за дебата. Само најавуваат, ама никако да се појават пред одговорни новинари, рече пред прилепчани кандидатката за претседател Гордана Силјаноска-Давкова.

Како и да е мирниот и на моменти здодевен карактер на досегашната претседателска кампања во Македонија која влегува во завршна фаза пред гласањето на 24 април, деновиве, ја нарушија многу меѓусебните обвинувања и навреди кои си ги упатуваат кандидатите за претседател како и партиите.

Дека Кампањата во последните неколку денови доби примеси на вербална пресметка, потврдуваат и реакциите од најголемите партии владејачката СДСМ и опозициската ВМРО-ДПМНЕ кои бараат осуда за буицата остри зборови што меѓусебно си ги упатија.

Во понеделникот СДСМ побара извинување од Силјановска-Давкова за навредите кон актуелниот претседател Пендаровски, како и кон лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски, а од ВМРО-ДПМНЕ побараа извинување од Пендаровски за говорот на граѓанин на митингот во недела на кој беа упатени навреди кон кандидатката за претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

Силјановска-Давкова на митинг рече дека Пендаровски, кој своето образование го има завршено на Правниот факултет во Скопје, таа го запознала на дебата, но дека не го помни како студент, за разлика од најдобрите студенти кои никогаш не ги заборава.

– Не го помнам Стево Пендаровски како студент, но знам дека магистрирал и докторирал откога ги усовршил своите аналитички способности во Министерството за внатрешни работи и сега човекот на ваков начин зборува за мене, рече Силјановска-Давкова.

И Пендаровски, одговарајќи на прашања на митингот во Гази Баба, кажа дека ниту тој не ја познава Силјановска-Давкова од Правниот факултет. Единствено, како што рече, го познавал нејзиниот сопруг кој бил на позицијата помлад асистент на факултетот „пред да влезе во бизнис-водите и да стане еден од најпознатите транзициски олигарси во Македонија.

Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, побараа извинување за навредите изнесени кон Силјановска-Давкова, од, активист на СДСМ, на митинг во Куманово, притоа оценувајќи дека Пендаровски имал можност да го запре својот активист и веднаш да се извини, но дека тој тоа не го сторил.

-Ова е повеќе од потврда дека Пендаровски сака ваквата кампања, со говор на омраза кон Силјановска, да фати корен во СДС и Силјановска да биде мета на константа мизогинија, реагираа од ВМРО-ДПМНЕ. Од штабот на Пендаровски, пак, порачаа дека осудуваат секаков вид на говор на омраза, клевети и навреди.

И од Демократската унија за интеграција и Коалицијата деновиве изразуваат загриженост за нивото на речникот во предизборната кампања. Тие реагираа за изјавите на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, дадена на митинг и нагласуваат дека лидерите, се тие кои треба да бидат пример за демократска и европска кампања.

„Последно, Мицкоски во Крушево изјави дека „неговата задача и цел е да ги испрати Али Ахмет и ДУИ во политичка пензија“. Го потсетуваме Мицкоски и неговите проруски телали дека кариерата и политичката активност на г. Али Ахмети е повеќе од историја, повеќе од Владата и повеќе од власт, велат од ДУИ.

Претседателскиот кандидат на ДУИ пак Бујар Османи, на митингот во Дебар, го повтори ветувањето дека Македонија за пет години ќе биде членка на ЕУ, и дека без ветинг нема формирање влада, а ја повика и Силјановска-Давкова на дебата.

-Јавно ја повикувам да дојде на дебата со мене, доколку има аргумент да ме убеди дека изолацијата е подобра отколку интеграцијата, рече Османи.

Во понеделникот пред граѓаните од полошките општини  кандидатот за претседател на ЗНАМ, Максим Димитриевски, остро ја критикуваше актуелна владејачка гарнитура, а нивното владеење го оцени како самовластие обременето со корупција. Обвини и дека двете политички елити, алчни за власт се обидуваат сите овие дваесетина години да им се приспособат на ДУИ.

-Ја запоседнаа повеќе од половина извршна власт, а исто така секојдневно ја запоседнуваат и независната, судската власт. Професионалците во системот се настрана, а партиските војници ги влечат сите потези, рече Димитриевски.

Претседателскиот кандидат на коалицијата „Вреди“, Арбен Таравари, ја претстави својата програма на митинг во тетовската општина Желино. Тој во својот говор се осврна на релациите со Косово и Албанија.

– Ќе имаме целосна координација со двете албански држави, Албанија и Косово. Ќе ги продлабочиме врските со Тирана и Приштина, бидејќи тие се наши браќа од иста крв. Значи, нема да правиме како мојот противкандидат кој својата прва посета како министер за надворешни работи ја направи во Белград и никогаш немаше билатерална посета на Косово, нагласи Таравари.

Кандидатката на Левица, Билјана Ванковска, пред граѓаните на Центар и на Кисела Вода изрази незадоволство од известувањето од Владата дека денот за гласање е слободен само за јавната администрација. Според неа, тоа ќе ги дискриминира граѓаните, зашто на овој начин голем број граѓани, особено од Скопје, но кои потекнуваат од градовите во внатрешноста, нема да бидат во можност да го искористат правото на глас.

– Тоа е неправедно, не е фер услов. Практично, сите приватни работодавачи ќе можат да им оневозможат на граѓаните да го напуштат работното место, да излезат да гласаат, зависно од нивните околности, порача таа.

Кандидатите во претседателската изборна трка имаат уште помалку од една недела за претставување, со оглед на тоа што изборниот молк почнува на 22 април, на полноќ.

Кампањата за претседателските избори, кои се закажани за 24 април, влегува во финиш, а пред врата е и кампањата за парламентарните избори, закажани за 8 мај, и таа официјално почнува на 18 април.

(М.С.)