Поставени три прототип замки за заловување рисови во НП „Маврово“

35

Група студенти од природните и техничките науки, во координација со Македонското еколошко друштво, во изминатава недела поставија три прототип замки за заловување рисови во националниот парк „Маврово“.

– Дизајнот на замката е избран за победничко решение на иновацискиот камп што се одржа со поддршка од УНИЦЕФ, на кој студентите се посветија на изнаоѓање иновативен начин да се заловат рисовите, кои се загрозен вид, на работ на изумирање, за понатаму да се следат, истражуваат и за да се заштитат од истребување. Прототип замката помага безбедно да се залови рисот и да му се стави ГПС- ремче за екологистите да го проучуваат и следат нивното движење -информираат од УНИЦЕФ.

Патриција ди Џовани, претставничка на УНИЦЕФ, вели дека кога работат младите на креативни и иновативни решенија поврзани со природната околина, тие градат зелени вештини и свест за поврзаноста на сите. Луѓето, животните и растенијата се дел од екосистемот, а токму тој е под закана од климатските промени и од штетните активности на човекот.

– Верувам дека оваа иницијатива ќе овозможи младите да станат активни двигатели на промена, кои ќе внесат иновација, креативност, соработка и истражувачка дејност во својата професионална работа – потенцира Ди Џовани.

Иван Јованов, извршен директор на Здружението „Лидери за едукација, активизам и развој“, информира  дека студентите покажале креативност и разбирање за предизвикот и со своите знаење и посветеност во изминативе неколку месеци, изразиле  желба за придонес кон зачувувањето на животната средина.