На фестивалот CPH:DOX во Копенхаген, Данска, на 23 март се одржа светската премиера на филмот „Eфтеркланг: Македониум бенд”, во режија на Андреас Јонсен, кој беше прикажан во рамки на специјалната програма „Sound & Vision”. Концертната сала 2 на грандиозниот објект DB Koncerthuset, во срцето на Данска, беше претесна за присутната публика на двете распродадени проекции, каде по истите следеа и два настапи на музичкиот состав чиј наслов го носи и самиот филм.

„Eфтеркланг: Македониум бенд” е прв филм во продукција на МКЦ Скопје, задно со Rumraket и Rosfort од Данска, како македонско-данска копродукција. „Ефтеркланг: Македониум бенд“ е всушност мета музички бенд, составен од данскиот ансамбл „Ефтеркланг“, кои во нивната непрекината 20-годишна кариера, експерименталната музичка инспирација ја црпат од сите страни на светот. Од македонска страна, во составот се вбројуваат музичарите Дина Јашари, Ива Дамјановски, Стефче Стојковски, Дејан Спасовиќ, Мартина Баракоска, Јане Трајковски и Женскиот младински хор при МКЦ, секој како посебен, уникатен дел во прекрасниот музички калеидоскоп од 22 изведувачи на бина.

Оваа плејада на неверојатни уметници, на двата последователни концерти, изнудија овации од присутната публика која по вториот концерт и побараниот бис, се крена на нозе и развиори македонско оро кое продолжи и вон концертната просторија.

„Оваа неверојатна ноќ, исполнета со невидени емоции која сите не донесе до солзи, делумно од тага, но и од неверојатна среќа и радост нè потсети дека сите, на уметничко ниво, не врзуваат исти емоции. Убавата музика создадена од вистински поврзани уметнички души нè ежи сите на ист начин секаде во светот, нè тера да веруваме во поубаво утре и да создаваме подобар свет. Самите песни кои беа изведени се универзални пораки за неверојатната моќ на љубовта, на заедништвото, на храброста да се биде жив како и на потребата за убавина. Никогаш нема да го заборавиме, она што ни се случи таа вечер во Копенхаген. Триумф на универзалната љубов. Особено ми е драго што овој филм, е прв вистински документарен филм во продукција на МКЦ Скопје, што нè прави сите особено горди“, изјави Владица Младеновски, музичкиот уредник во МКЦ и воедно еден од главните ликови во филмот.

Музичките настапи на 22-члениот музички состав на „Eфтеркланг: Македониум бенд” беа доказ дека Македонија е земја на вечна музичка инспирација, која се преведува на најубавиот можен јазик на светот, јазикот на срца кои бијат во ист такт.

Во моментов, филмот „Eфтеркланг: Македониум бенд” има закажани 18 проекции низ територијата на Данска, како и прикажување на фестивалот „Milenium Docs Gravity” во Варшава, додека во Македонија, својата домашна премиера ќе ја има на отворањето на 23. издание на фестивалот на европски филм „Синедејс“ во Скопје, на 11 јули во МКЦ, со концерт на целокупниот ансамбл.

Филмот беше снимен во април 2023 година, каде што дел од активностите врзани со неговата реализација беа финансирани од страна на Министерството за култура.

Фото: Бјорн Гизенбауер