Шпекулациите за монетарната политика на САД ја спуштија цената на нафтата до 88 долари

Цените на нафтата се лизнаа до 88 долари на меѓународните пазари во средата, оджувајќи ги нагаѓањата на трговците за шансите за забавувањето на американската деловна активност да ја поттикне централната банка Федералните резерви (Federal Reserve – Fed) да ги намали каматните стапки, што исто така би ја поддржало побарувачката на енергенси.

На лондонскиот пазар цената на барелот попладнето беше за 35 центи пониска од вчерашното затворање на тргувањето и изнесуваше 88,07 долари. Вчера го затвори трговскиот ден во плус 1,42 долари. На американскиот пазар со барелот денеска се тргуваше по пониска цена од 47 центи, по 82,89 долари. Вчера тргувањето го затвори со добивка од 1,46 долари.

Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) одделно објави дека барелот од нафтената кошница на нејзините членки во вторникот поскапел за 1,66 долари на 88,17 долари.

Трговците вчера беа охрабрени од послабиот американски долар кој ја зајакнува куповната моќ на купувачите со други валути и ја зголемува побарувачката. Зелената банкнота беше потресена од забележително забавен раст на деловната активност во САД во април, според извештајот на „S&P Global“.

Нафтените пазари реагираа на слабиот раст во САД со зголемување на цените, шпекулирајќи дека тоа ќе ја поттикне централната банка да ги намали каматните стапки уште ова лето. Пониските трошоци за задолжување би значеле побрз економски раст, а со тоа и поголема побарувачка за енергенси.

„Во моментов важи принципот дека лошите вести од најголемата светска економија се добри вести (за нафтените пазари). Повторно се поголеми шансите Fed да ги намали каматните стапки““, објаснува Тамаш Варга од PVM.

Цените вчера беа зголемени со неочекуваниот пад на залихите на нафта во САД минатата седмица за 3,237 милиони барели, според извори со пристап до податоците на здружението на производители на API. Аналитичарите шпекулираа дека тие се зголемиле за околу 800 илјади барели. Американската влада подоцна во текот на денот ќе ги објави официјалните податоци.

Пазарите исто така ги следат тензиите на Блискиот исток. Процената за намалување на тензиите во односите Иран-Израел може да ја намали цената на барелот во следните месеци за уште пет до десет долари, бидејќи „премијата за геополитички ризик е сè уште покачена“, пишуваат во белешката аналитичарите на „Goldman Sachs“.