Легендарниот ракометен голман и вардарова легенда,  Арпад Штербик (44), доживеал инфаркт!

Оваа вест ја потврдија од унгарскиот клуб Веспрем, каде што работи како тренер на голманите.

  • Нашиот тренер на голманите Арпад Штербик не отпатува со тимот во вторникот. Арпи утрото се почувствувал лошо и отиде во болница каде што му беше дијагностициран срцев удар. Благодарение на брзата реакција на лекарите, тој се чувствува подобро и утре може да го напушти одделот за интензивна нега. Му посакуваме што поскоро закрепнување и брзо враќање во клубот, се наведува во соопштението на Веспрем.

Инаку, македонската јавност многу добро го памети човекот кој беше еден од најзаслужните за големите успеси на Вардар во Лигата на шампионите. Тој беше творец на првата титула на „црвено-црните“ во елитното натпреварување.

Пред четири години, на почетокот на 2020 година, Штербик стави крај на својата голема ракометна кариера.

  • Оваа одлука беше тешка за мене. Искрено, би било многу тешко да се активирате повторно по долга пауза. Жал ми е што нема да можам да играм уште еден фајналфор во Лигата на шампионите. Сакав да освојам уште една европска шампионска титула, но во овие околности тоа е невозможна мисија за мене, изјави тогаш Штербик, а долгата пауза се должи на појавата на коронавирусот, кој во тој момент ги запре сите спортови.

Покрај Вардар, каде што остави голема трага, играше и за РК Југовиќ, Веспрем, Сиудад Реал, Атлетико Мадрид и Барселона, а во кариерата четири пати ја освојуваше Лигата на шампионите, беше најдобар светски ракометар во 2005 година, а играше и за две репрезентации: Србија и Црна Гора (кога беа заедно) и Шпанија.