Бостон го прегази Мајами, провокацијата имаше контра-ефект за Клиперс

Ннемаше неизвесност во двата натпревари од НБА лигата кои се играа рано утрово. Бостон селтикс го растури Мајами хит со 118-84, и со 4-1 во победи се пласираше во второто коло на плејофот, додека Далас маверикс го прегази Клиперс во Лос Анџелес со 123-93 за водство од 3-2.

Бостон трети меч по ред убедливо го победува Мајами и покажа дека е подобар тим. Селтикс беше расположен од почеток, погоди дури осум тројки во првата четвртина и рано направи голема разлика која гостите не можеа да ја стопат. Во следната фаза, Бостон ќе игра со Кливленд или Орландо, серија во која Кавалирс води со 3-2.

Далас предводен од Лука Дончиќ (35 поени и 10 асистенции) кој сам даде повеќе поени од Џејмс Харден, Џорџ Пол и Расел Вестбрук заедно (28), ќе има меч топка на домашен терен на следниот меч. За Клиперс, ова е најтежок пораз во нивната плејоф историја.

Клиперси се обидоа да го испровоцираат Далас со еден билборд пред салата на кој имаше реклама за авионски лет од Далас до популарниот туристички центар во Мексико, Канкун.

Асоцијацијата беше дека тимот од Далас ќе биде елиминиран и ќе може да оди на летен одмор во Канкун, но после ова што се случи и дебаклот од 30 поени разлика, сега поверојатно е дека Клиперс е тој кој наскоро ќе размислува каде на одмор.

За Клиперс кој од следната сезона ќе игра во друга сала, ова беше можеби и последниот меч во „Крипто.ком“ арената во која во иднина како домаќин ќе игра само Лејкерс.

Во 81,7 отсто од случаите во НБА, тимот кој после 2-2, поведувал со 3-2, на крај ја добивал таа плејоф серија.

- Оглас -

Најнови вести