Избор Избори 2024 Охрид Партии ТОП ВЕСТИ

Мицкоски од Охрид најави парк и подземна гаража на сегашниот простор на СВР Охрид

Охрид, 25. април 2024 (ОХРИДПРЕС) – Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, денеска од Охрид најави изградба на парк и подземна гаража на сегашниот простор на СВР Охрид, кој ќе се стави во функција на градот.

– Денеска на покана на министерот и градоначалникот сум во Охрид, да дадам и јас лично поддршка на проектот кој тие двајца го најавија дека тоа ќе биде еден од приоритетите на идната влада на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата Твоја Македонија. Станува збор за простор на СВР Охрид кој ќе се стави во функција на општина Охрид или ќе биде надземно убав парк, а подземно катна гаража, истакна Мицкоски.

Тој додаде дека треба да се слушаат потребите на граѓаните.

– Ценам дека на овој начин ќе се овозможи еден поголем комфор во рамките на централното градско подрачје во Охрид во оној дел каде што е туристичка зона и ценам дека како држава треба да поддржуваме проекти кои ќе значат додадена вредност за средините во кои се прават. Еден од тие проекти е овој овдека, порача Мицкоски.

Тој го коментираше и евентуалниот бојкот на СДСМ на ДУИ во вториот круг од претседателските избори.

– Одговор на евентуален бојкот на СДСМ и на ДУИ на вториот круг од изборите е мобилизација на граѓаните и масовна излезеност. Доколку обете партии се решат на бојкот, со тоа ќе покажат незрелост, односно дека не се државотворни туку партии кои што водат интерес за малкумината што ги предводат, изјави Мицкоски.

Тој додаде дека треба да се биде достоинствен и во поразот.

– Вчера ВМРО-ДПМНЕ, со резултатите на првиот круг на изборите ја победи целосната владина коалиција убедливо. Тука зборувам на двајцата кандидати на власта – едниот е Стево Пендаровски, вториот е Бујар Османи. Кога заедно ќе ги соберете доаѓаат околу 300 илјади гласа. ВМРО-ДПМНЕ само, односно професорката Силјановска има 363 илјади гласа, според последните бројки коишто доаѓаат од ДИК. Значи ВМРО-ДПМНЕ како што им кажа така и стори заедно со народот, ја порази Владата. Очигледно е дека има големо антивладино расположение, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски од Охрид. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука