Македонија
Захариевски: ЗНАМ предвидува мерки за развој на бањскиот и медицинскиот туризам од кои Македонија може да оствари значајни приходи
Небојша Захариевски, носителот на кандидатската листа за пратеници во ИЕ 6 од Движењето ЗНАМ – За наша Македонија денеска одржа прес-конференција на која ги претстави мерките за развој на туризмот, предвидени во програмата на Движењето „Проглас за достоинствена Македонија“.
Тој рече дека во делот на градењето на Македонија како самоодржлива држава, туризмот зазема мошне важно место во Програмата, затоа што со добро развиен туризам, Македонија може да обезбеди и самоодржлив економски развој и просперитет на сите граѓани подеднакво во сите осум плански региони. Ова поради тоа што Македонија поседува одлични природни предуслови за максимален раст и развој на оваа гранка.
„За да се постигне максимумот ќе ги преземеме следните конкретни мерки и чекори:
– промоција на македонските културни и природни богатства, преку директно субвенционирање на проекти за афирмација на природното и културното наследство на Македонија;
– развивање на алтернативни облици на туризмот – планинарењето, качувањето, велосипедизмот, кампувањето, оф роуд скијањето, алпинизмот, етно селскиот туризам;
– обезбедување на развој на бањскиот и на медицинскиот туризам на највисоко ниво, изградба на комплетна инфраструктура како предуслов за изградба и модернизација на нови бањски системи, како и преку субвенционирање на наменски авионски летови за туристички групи на овие локации;
– подобрување на менаџирањето на сите Национални паркови во Македонија, особено нивно поврзување со сите локални туристички чинители во најширок контекст се со цел забрзување на промоцијата и препознатливоста на туристичките содржини и екслкузивитети со кои располага Македонија како неоткриена светска дестинација“, рече Захариевски.
Тој додаде дека за да може сето ова беспрекорно да функционираќе се воведе систем за формирање туристички дестинации според европски модел.
Секој плански регион ќе претставува туристичка дестинација, односно осум плански региони ќе претставуваат осум туристички дестинации плус градот Скопје, се со цел за подобро претставување пред светската туристичка клиентела.
„Во овој контекст, рече Захариевски, напоменуваме дека мошне важно место во спроведувањето на овие мерки ќе има соработката со коморските туристички организации и со туристичките синдикални организации, за да може и тие да дадат придонес и партнерски да учествуваат во носењето на сите наведени мерки и приоритети за развој на туризмот во Македонија“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Нестабилно време со дожд и грмежи до среда
По врнежите и невремето по кое во текот на ноќта полавени беа подруми во Охрид, од УХМР најавуваат дека до среда ќе се задржи нестабилно време, претежно во попладневните часови со локален пороен дожд и грмежи.
Во четврток ќе има услови за краткотраен дожд, претежно во планинските подрачја, а преодно стабилизирање на времето се очекува во петок.
Температурите ќе бидат без значителна промена.
Македонија
Делови од Аеродром, Карпош и Ѓорче Петров утре без струја
Без електрична енергија утре ќе останат делови од општините Аеродром, Карпош и Ѓорче Петров.
Како што соопшти РЦУК – Скопје, без струја во периодот од 09:00 до 15:00 часот ќе останат корисниците на дел од село Долно Лисиче, реонот околу чаталот, ул.10 во општина Аеродром, од 10:30 до 14:30 часот дел од улица 16, на патот кон Визбеговово општина Карпош, а од 13:00 до 14:30 часот објектите на градинката Росица, на ул.„Мечкин Камен“, бр.45А. во општина Ѓорче Петров.
Македонија
Скопските и тетовските пожарникари гасеа три огнови на отворено, соопшти ЦУК
Во изминатото деноноќие Центарот за управување со кризи информира дека биле евидентирани три пожари на отворено.
Регионалниот ЦУК Скопје соопштил дека БППЗ на Град Скопје во изминатото деноноќие имала две помали интервенции поради запалено ѓубре и тоа на ул. „Ферид Заири“ во Општина Чаир и кај Езерото Треска во Општина Сарај.
Регионалниот ЦУК Тетово известил дека ТППЕ Тетово имала една помала интервенција поради запалена ниска вегетација кај село Чифлик во Општина Желино.
Центарот за управување со кризи соопшти дека изминатите 24 часа имало вкупно 1.491 повици на Единствениот повикувачки број за итни случаи 112. Од нив „реални“ повици биле 62,84 отсто, а 37,16 отсто биле за други потреби на граѓаните што не биле итни.
Кон полиција биле упатени 63,18 отсто, кон итната медицинска помош 29,09 проценти, кон пожарникарите 2,73 отсто, a кон АМСМ 1,36 отсто од повиците кон бројот 112.