Lifestyle
ТОКИО ЌЕ ГО ЗГОЛЕМУВА НАТАЛИТЕТОТ СО ЧЕТИРИДНЕВНА РАБОТНА НЕДЕЛА!
06.12.2024
Локалната власт во Токио воведува четиридневна работна недела за владините службеници за да им помогне на вработените мајки и да ја зголеми рекордно ниската стапка на наталитет. Новата мерка која ќе се применува од април следната година ќе им овозможи на вработените три слободни денови во неделата. Со друга мерка се овозможува на родителите на деца од прво до трето одделение дел од платата да ја „заменат“ за порано завршување на работното време.
- Ги проучуваме спецификите на работните места и флексибилноста на извршување на обрвските за никој да не се откажува од сопствената кариера поради животните околности, како што се раѓањето или подигнување на децата. Сега е моментот кога Токио треба да преземе иницијатива за заштита и унапредување на животот, за опстанокот и економијата во ова време со предизвици за нашата земја, изјави Јорико Коике, гувернерката на Токио.
Стапката на наталитетот во Јапонија, која со години е во голем пад, во јуни годинава достигна рекорно ниско ниво. Лани биле забележани само 727.277 породувања, а стапката на наталитет, односно бројот на децата на една жена се намали на најниско ниво од 1,2. За стабилност и опстанок на јапонската нација потребна е стапка на фертилитет од 2,1.
Социолозите причините за падот на наталитетот ги поврзуваат со цврстата работна култура во Јапонија и растечките трошоци на живот. Работното време секогаш претставуваше проблем за јапонските корпорации во кои работниците биле подложни на здравствените проблеми. Во екстремни случаи некои од работниците доживувале „кароши“, односно смрт од превработеност, пренесува „Нова“.
фото freepic