EPA-EFE/SHAWN THEW

Џоел Ембид одигра уште една маестрална партија за тимот на Филаделфија, на која постигна 50 поени и со тоа го предводеше својот тим до победа против Њујорк Никс и намалување на 1-2 во плејоф-серијата до четири триумфи.

Потоа Ембид се појави на прес-конференција со очила за сонце, а причината за тоа е ретката болест наречена „Белова парализа“, која го мачела претходните неколку дена.

Беловата парализа е вид на парализа на лицето и Ембид сега не може да ги контролира мускулите на левата страна на лицето. Други симптоми се овенати очни капаци, болка околу увото и промена на вкусот, а оваа состојба може да ја зголеми и чувствителноста на звук. Причините за болеста се непознати, а ризик-факторите вклучуваат дијабетес и инфекции, од кои сите се предизвикани од дисфункција на фацијалниот нерв.

Ембид откри дека му се слошило пред натпреварот со Мајами во плејофот во НБА лигата, но дека не сакал да излезе во јавноста со детали за неговата состојба. Се шпекулира дека на конференцијата се појавил со очила бидејќи има проблеми со контролата на очите и очните капаци.

  • Многу е иритирачко сето ова со левата страна на лицето, устата и окото. Ми беше тешко, но не сум некој што се откажува. Тоа не е многу среќна околност, но морам да продолжам да се обидувам, изјави еден од најдобрите центри во НБА-лигата.